За да се лансира успешен бизнис ви требаaт добра идеја и храброст да ја остварите таа идеја. Додека сите претприемачи кои по прв пат тргнуваат по таа патека секако ќе изодат тежок пат, секој што може да ги идентификува индустриите кои ќе растат има голема предност.
Доколку во 2019 година сте решиле да почнете нов бизнис, овие информации ќе ви бидат од корист. Секоја година сајтот Inc. интервјуира експерти за да дознае кои сектори најверојатно ќе достигнат најголем подем во текот на наредните 12 месеци. Новата листа веќе е готова и има некои интересни опции. Меѓу првите седум се:
1.Микромобилност – револуцијата во урбаниот транспорт создава нови шанси за стартапите кои прават електрични велосипеди, скутери и скејтборди. Бидејќи се очекува до 2030 година во урбаните области да живее повеќе од 60% од популацијата на Земјата, производите за микромобилност ќе добијат на популарност како алтернатива за традиционалните превозни средства.
2. Дигитални терапевти – видеоигрите и софтверските апликации повеќе не се само форма на забава, туку може да се користат за лекување на ментални пореметувања и други болести. Оваа нова област во медицината отвори простор за стартапите да создаваат софтверски генерирана терапија.
3. CBD производи – во САД веќе има голема побарувачка за производи кои содржат канабидиол или CBD, природна хемиска состојка на канабисот, која не е психотропна, што значи дека не ја пореметува перцепцијата за реалноста. Компаниите кои прават CBD производи имаат одлична можност бидејќи таквите производи се користат против анксиозност, воспаленија и болка.
4. Персонализирана исхрана – нема универзална исхрана која им одговара на сите, па затоа некои луѓе побрзо се здебелуваат отколку други. Гените многу влијаат на предиспозициите на телото за наталожување маснотии, а ако ги знаеме гените, знаеме и што ни одговара како исхрана, па може да се испланира прилагодена диета за секого.
5. Технологија за бебиња – луѓето носат компјутери во своите џебови и на зглобовите на рацете носат следачи на нивното здравје. Побарувачката за технолошки решенија сега се шири на најранливата популација – бебињата. Стартапите во оваа индустрија создаваат иновативни решенија за следење на плодноста на жените, за доење, па дури и за побрзо заспивање на бебињата.
6. Селфи услуги – било да е на конференција, на деловна забава или свадба може да видиме професионална камера со модерна опрема за правење совршени фотографии. Но, најновиот тренд на фотографирање не ги обврзува луѓето да се местат за да се фотографираат, туку се користат високотехнолошки системи за поголема контрола над фотографиите.