Веќе трета година Македонија нема стратегија за туризмот, која се уште е во нацрт верзија. Без јасна насока како да се обезбеди развој на секторот не може да се решат актуелните проблеми кои ги нотираат хотелиерите и угостителите. Потребно е да се искористат позитивните трендови на пораст на бројот на туристи во првите девет месеци од годинава, порача Горан Дамчевски заменик претседател на Здружението на угостителството и туризмот, на прес конференцијата при Стопанската комора на Македонија.
Преку напорите кои ги прави Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, имплементиран од ЕПИ Центар Интернационал во соработка со Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, се покренува иницијатива за изнаоѓање на заеднички решенија.
Состојбите се нотирани во анкетата на менаџери и сопственици на туристички локали при што со истакнати три главни проблеми – несоодветен кадар, незадржување на стандардите и несоодветна категоризација, како и незадоволство од инфраструктурата на локално и државно ниво, посочи Дамчевски.
Во таа насока, повеќе од 90 проценти од анкетираните одговориле дека имаат голем проблем со квалификувана работна сила, а државната поддршка и натаму е потребна за стимулирање поголем број странски гости. Дамчевски информира дека во одговорите на хотелиерите се препознава дека не постои визија како би се развивал натаму туризмот доколку бидат укинати субвенциите, односно нивниот опстанок е сериозно зависен од државната поддршка на тур-операторите кои носат странски гости.
Законот за туризам не е променет веќе десетина години иако има конкретни предлози и идејни решенија од реалниот сектор. Проблемот со неквалификуваниот кадар се должи на лошата образовна политика бидејќи стручните училишта во оваа сфера станаа неатрактивни. Платите во туризмот и угостителството се подигнати од просек на 12 илјади денари до 15 илјади денари во последните години и до 30 илјади денари за високите позиции. Сепак, недоволно образованиот кадар не може да добие повисоки плати, а се прават напори за доквалификување од приватниот сектор, посочи Дамчевски.
Утре во Скопје ќе се одржи Форумот за стратешки развој на туризмот и ефектите од државната политика во Стопанската комора на Македонија, како дел од иницијативата на Проектот партнерство за подобра бизнис регулатива.
Целта е претставниците на бизнис заедницата, владини претставници, како и домашни и странски експерти да споделат искуства и да дадат предлози за развивање на секторот за туризам и угостителство освен со иновативни идеи и согласно поддршката од страна на државата преку креирање на нови туристички производи, услуги и алатки со цел да ја направат Македонија атрактивна туристичка дестинација.
Тоа што ќе произлезе од Форумот за туризам, ќе биде основ за иницирање нови предлози до надлежните државни институции.
Туристи и ноќевања
Доаѓања на туристи | Ноќевања на туристи | |||||
Вкупно | домашни | странски | вкупно | домашни | странски | |
1-09-2017 | 818 594 | 309 056 | 509 538 | 2 389 934 | 1 326 725 | 1 063 209 |
1-09-2018 | 930 128 | 352 658 | 577 470 | 2 753 957 | 1 516 125 | 1 237 832 |
Извор: Државен завод за статистика
ТУРИСТИ 2018 година по месеци
Земја | 01-09-2017 | 01-09-2018 | 1-09-2018 / 1-09-2017 (во%) |
Турција | 111.883 | 100.666 | -10,03 |
Србија | 42.428 | 46.768 | 10,23 |
Грција | 32.307 | 27.999 | -13,33 |
Бугарија | 32.169 | 37.756 | 17,37 |
Холандија | 25.190 | 25.631 | 1,75 |
Албанија | 14.983 | 19.408 | 29,53 |
Косово | 12.979 | 18.544 | 42,88 |
Германија | 19.243 | 24.775 | 28,75 |
Хрватска | 12.209 | 17.760 | 45,47 |
Полска | 20.720 | 32.406 | 56,40 |
Италија | 8.851 | 10.694 | 20,82 |
С А Д | 12.126 | 14.490 | 19,50 |
Израел | 6.732 | 9.251 | 37,42 |
Други азиски земји | 11.619 | 14.542 | 25,16 |
Кина | 7.319 | 10.848 | 48,22 |
Извор: Државен завод за статистика
НОЌЕВАЊА 2018 година по месеци
Земја | 01-09-2017 | 01-09-2018 | 1-09-2018 / 1-09-2017 (во%) |
Турција | 158.463 | 146.355 | -7,64 |
Холандија | 137.156 | 131.045 | -4,46 |
Србија | 77.595 | 80.610 | 3,89 |
Грција | 52.781 | 46.404 | -12,08 |