Денес се одржува Форум на добри компании

- Advertisement -

Улогата што бизнисите, институциите и социјалните претпријатија можат да ја имаат во трансформацијата на стариот економски систем е тема во фокус на новиот, трет по ред, Форум на добри компании, „Нова економија: Бизниситe креираат еколошки, социјални и економски вредности“, што на 10 декември ќе се одржи во хотел „Скопје Мериот“.

– Досегашните принципи врз кои што почива традиционалниот економски систем, а во кој природата и човекот се третирани како ресурси за создавање профит и економски раст, доведоа до експоненцијален економски и технолошки развој на човештвото, но, и до катастрофални последици по природата и човекот. „Оперативниот систем“ на традиционалната економија е застарен и потербен му е „апдејт“ по којшто тој би резонирал со целите за одржлив развој дефинирани од Обединетите Нации – наведуваат од Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, објаснувајќи го фокусот на годинешниот настан.

- Advertisement -

Гостите-говорници, кои годинава доаѓаат од Лондон, Единбург, Амстердам, Љубљана и од земјите во регионот, ќе зборуваат за новиот тип на лидерство кој го наметнуваат радикалните поместувања на пазарот, за алатките за креирање успешни деловни одржливи практики (GRI), за примената на блокчеин во одржливите процеси и за новите научни методологии за имплементирање галопирачк организациски и институционални промени.

Meѓу овогодишните главни спикери е Дејвид Грејсон, универзитетски професор, консултант и говорник за одговорен бизнис, корпоративна одржливост, цели и соработка. Автор е на седум книги, и е почесен професор по Корпоративна одговорност на Факултетот за менаџмент на Универзитетот Кранфилд. Има работено со многу водечки глобални бизниси, како и со меѓународни институции, како ОЕЦД, Европската унија и Светската банка.
Грејсон бил дел од одбори на повеќе социјални претпријатија и институции, а во моментов претседава со националната добротворна организација „Carers UK“.
Престижниот „Гардијан“ го именуваше како еден од десетте најдобри светски влијателни личности на твитер – за одржливо лидерство.

- Advertisement -

„Неопходно е компаниите да имаат и вештини и волја за да се соработува со целиот спектар различни соработници, со други бизниси, понекогаш со конкуренцијата, со здруженијата на граѓани, со владините агенции, со цел, меѓу другото, да бидат подготвени застапници за политиките за одржлив развој“ – вели Гресјон, говорејќи за иднината на бизнис лидерството, заснована на 20 годишни истражувања на експерти за одржливост.

Настанот „Форум на добри компании“ го организира Асоцијацијата за истражување, комуникации и развој, „Паблик“, во партнерство со Регионалниот проект за социјални права на ранливи групи (СоРи), кој се имплементира од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ – www.giz.de) во име на Германското сојузно министерство за економска соработка и развој (BMZ) и со ЕУ проектот за поддршка на социјалното претприемништво, финансиран од ИПА програмата за прекугранична соработка.
Форумот на добри компании е инициран пред три години како настан кој на едно место ги обединува  компаниите, институциите и граѓанскиот сектор, главните засегнати страни за креирање позитивна општествена промена.

- Advertisement -

„Компаниите го поседуваат човечкиот и финансискиот капитал, но, исто така и капиталот за развој на процесите кои како крајна инстанца создаваат профит. Профитот како двигател на пазарната економија, иницираше иновации, технолошки развој, прогрес. Денес, тој може да се стави во функција на решавање на предизвиците со кои светот се соочува, но не по пат на алтруизам и финансирање иницијативи кои откако ќе се потрошат парите, престануваат да постојат. Форумот го сугерира другиот начин на целисходно вложување на човечкиот капитал, капиталот на деловните процеси во создавање иницијативи и ентитети – социјални претпријатија кои би постоеле за пренасочување на профитот во решавањето на детектираните проблеми, односно кон исполнувањето на својата мисија“ – нагласува Небојша Илијевски, контент директор на Форумот на добри компании.

Форумот, на кој ќе учествуваат 120 делегати од осум европски земји – претставници на бизнис секторот, на институции и на социјални претпријатија, ќе може да се следи и преку линк за live video streaming.

Покрај Грејсон, од Холандија во Скопје доаѓа и Румјана Танева, менаџерка за корпоративно вклучување во известување за одржливост, ГРИ индексот, што сега се користи ширум Европа и во светот за мерење на импактот од деловното работење, Тадеј Слапник од Словенија, поранешен државен секретар во Владата на Миро Церар, а сега претседател на „ЕУ блокчеин хаб“, кој ќе говори на тема: блокчеин технологија, како и Кенет Хог, кој ги спроведе најмасивните реформи во блиската историја на шкотската влада.

Сподели!
- Advertisement -