Утре е крајниот рок на кој компаниите може да се пријават на тендерот за универзален снабдувач со струја, што Владата го распиша во септември согласно новиот Закон за енергетика.
Најпрво, рокот за аплицирање беше до 3 декември, но тој беше пролонгиран на барање на енергетската заедница.
Претседателот на Регулаторна комисија за енергетика, Марко Бислимовски, неодамна изјави дека РКЕ била должна да ги подготви критериумите врз основа на кои требало да се распише тендерот и да ги достават до Владата.
„Дадените забелешки ги инкорпориравме и ги доставивме до Владата. Од тој момент Владата го води тој процес“ изјави неодамна Бислимовски.
Неофицијално, помеѓу заинтересираните компании за влез на пазарот со струја е и Грчката национална компанија за производство на струја ППЦ која неодамна ја купи компанијата ЕДС на вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев.
Во моментов се активни осум снабдувачи со електрична енергија кои активно продаваат на потрошувачи, а се издадени преку 20 лиценци за снабдување со електрична енергија.
До назначување на новиот универзален снабдувач таа обврска ќе ја врши ЕВН Македонија со цел да се обезбеди сигурност во снабдувањето со електрична енергија на сите потрошувачи и согласно Законот за енергетика.