Марта Наумовска Грнарова: Како жена менаџер во металната индустрија сум белег и во светските компании

- Advertisement -

Бизнисмените во металната индустрија ја нарекуваат „железната дама“ во индустријата и дизајнот. Марта Наумовска Грнарова дипломирала на Машинскиот факултет во Скопје, денес е сопственик и менаџер на најпознатата компанија за заварување во Македонија „Завар Дизајн“. Zнаењето и уметноста ги преточила во квалитетен и неодолив за око производ – дизјанирани радијатори.

Главната идеја зад брендот е да се користат современите технологии и иновации и тие да се обликуваат на неочекувани начини и форми, со цел креирање на објекти, радијатори и мебел кои ќе се истакнуваат во ентериерите. Процесот на производство се заснова на еколошки технологии, со минимална потрошувачка на енергија и на квалитетни природни материјали, што ги прави производите стопроцентно рециклирачки. Во март оваа година, „Завар Дизајн“ првпат се претстави пред американската публика во Њујорк на саем кој беше организиран од водечкото списание за дизајн „Architectural digest”, на кој Американското здружение на архитекти и дизајнери за ентериер (ASID) ѝ додели на компанијата награда за најиновативен дизајн на саемот.

„Отсекогаш имав интерес за математиката и природните науки, но истовремено и за уметноста. Создавањето на семејниот бизнис во периодот кога се одлучував за идна професија природно ме насочи кон Машинскиот факултет, иако подеднаква страст имав и за архитектурата и дизајнот. Затоа неминовно беше создавањето на `Завар дизајн`. Главната идеја беше постоечките ресурси за обработка на метал на компанијата `Завар` да се инвестираат во развој на дизајнирани производи. Во потрагата по совршен производ во кој ќе може да се вгради комплетното знаење на компанијата, првпат на пазарот, во 2004 година, се појавија новите радијатори под називот `Завар Дизајн`“, вели Наумовска Грнарова.

- Advertisement -

Таа беше првиот претседател на Македонската асоцијација за метална и електро индустрија – МАМЕИ, преку која сака, заедно со другите компании, да го подигне нивото на целата македонска индустрија. Според неа, се` уште владее правилото „индустрија е еднакво на маж“. Иако токму таа го негира овој стереотип, сепак не запознала менаџерка во металната индустрија на ниту еден од деловните состаноци на кои присуствувала досега.

„Затоа се трудам да инволвирам што е можно повеќе жени на овие работни места и во иднина би сакала да вработам барем уште неколку. Производството е специфично и секоја жена не е спремна да работи во металната индустрија заради општествените предрасуди и тежината на работата. Но ако некој вистински си ја сака работата, производството е одлична платформа за напредување, учење и градење на успешна кариера“, објаснува Наумовска Грнарова. „Мислам дека е тешко да се зборува за родова еднаквост во металната индустрија и сигурно никогаш нема да бидеме изедначени со мажите. Но, убедена сум дека женскиот аспект со своите специфики и поинаквото гледање на работите се забележува во духот и културата на нашата компанија и не прави различни. Би сакала со мојот пример да инспирирам што е можно повеќе млади жени да ги отфрлат предрасудите и да го прифатат предизвикот и убавината на градење кариера во индустријата, во која доминираат мажи“.

- Advertisement -

 

- Advertisement -

Таа смета дека процесот на носење одлуки е најважен, не сака да брза и секогаш е рационална. Токму во овој дел, вели Наумовска Грнарова, е потребен добар менаџер, а многу е погрешно дека тоа е само машка работа.

„Во високиот менаџмент на компаниите жените не се посакувано друштво, најчесто бидејќи не се вклопуваат во некои типично машки навики и ритуали кои се длабоко втемелени во начинот на создавање и водење бизнис релации. Тоа е голема пречка. Од друга страна, докажано е дека присуството на жените на лидерски позиции е покорисно за компаниите и води до успех. Рзвојот на економијата и општеството би требало да доведе до балансирана родова застапеност во бизнисот. Во моментов, за иста позиција жената треба да биде двојно подобра од мажот и исклучително упорна и посветена за евентуално да добие подеднаква шанса. Но тоа не треба да не демотивира, туку напротив, да го прифатиме предизвикот и да покажеме дека можеме. Само од нас зависи. Идното глобално општество, во кое сите припаѓаме, се заснова на самоиницијативност, проактивност и одговорност на индивидуите за своите постапки, како основа за висококонкурентно опкружување базирано на поединците“, смета Наумовска Грнарова.

Таа вели дека нема запишана формула како да се постигне рамноправност на мажите и жените, пред се`, на менаџерските позиции. „Не сум за силење на работите – жените да мораат да бидат застапени во управните одбори според клуч или интервенција со закон. Кога тоа би било така, тогаш ние самите би си ја минирале рамноправната позиција и еднаквите права. Мислам дека треба повеќе да се врши притисок на јавноста, зборување на темата, како и посветеност и вложување на самите компании во нивната општествена одговорност, па со тек на време ќе се подразбира дека е неизоставно во секоја компанија да има и жени на лидерските позиции.“, смета Наумовска Грнарова

Освен што е менаџерка која треба да носи силни одлуки, Марта е мајка и сопруга. Според неа, иако е голем предизвик кога и како да се повлече границата помеѓу работата и приватниот живот, сепак успех во кариерата може да има секој доколку има и семејство. Така учите да балансирате, бидејќи како и за се` друго во животот, решението е работа и борба за своето слободно и семејно време, вели Марта.

Разговорот со нас го заврши со кратка порака до нејзините колешки менаџерки: „Во рацете на нас жените е самите да се мотивираме, поттикнуваме и да си задаваме високи цели, бидејќи само така може да дојдеме до успех. Секоја жена поединечно треба да си има зацртано план, да работи напорно и тоа еден ден секако ќе се случи. Не постои друг начин и нема друга тајна.“

Текстот е изработен од Институтот за комуникациски студии во рамки на проектот „Еднаква моќ

Сподели!
- Advertisement -