Оливера Миовска, oд наставничка по англиски јазик до лидер во транспорт со камиони на Балканот

- Advertisement -

Некогашната наставничка по англиски јазик, Оливера Миовска, денес е успешна раководителка во компанија за транспорт. Иако стереотипно работата во образование повеќе одговара за жените, таа вели дека ја сакала работата, но не ѝ одговарала на нејзиниот карактер. Така, родителските состаноци ги заменила со други, состаноци за камиони преку кои управува со навремен и квалитетен транспорт на стока. Во 2004 година, се вработила во Македонија сообраќај АМЕРИТ, кое е здружение на македонски претпријатија за меѓународен сообраќај, најпрво како асистент, чии главни задачи биле превод на документи и меѓународна комуникација. Но во текот на 14-годишното работење во оваа компанија, со многу труд и резултати се искачила неколку скалила – станала советничка на управителот, а сега е раководителка на одделението за меѓународен патен и товарен транспорт.

„Јас живеам со мотото и добрата порака на големиот автор Руми: `Kога ги правиш нештата од твојата душа, ќе почувствуваш како во тебе тече река. Тоа е радост`. Tокму јас се чувствувам така во мојата професија.“, раскажува Миовска.

Иако превозот со камиони многумина ја сметаат за „машка“ професија, интересно е што во Македонија се рушат стереотипите. Миовска вели дека многу често жените се тие кои на состаноците на раководни нивоа ги носат големите одлуки во транспортот. Според неа, во модерниот свет постои зголемена свест дека поголема улога на жените во управувањето е суштински предуслов за создавање фер и инклузивно општество.

- Advertisement -

Жената е како вреќичка за чај. Никогаш не знаеш колку е силна, додека не влезе во топла вода“, ја цитираше мислата на Елеонора Рузвелт додека пиеше од нејзината шолја чај, и продолжи: „Во денешно време не треба да постојат машки или женски професии, туку професионалци кои заслужуваат да бидат таму каде што се. Мажите и жените можат еднакво да бидат ефективни лидери. Не е родот тоа што прави еден лидер да биде подобар од друг“.

Посетувала повеќе обуки при нејзиното професионално усовршување, а освен образованието, за неа е многу важно учењето од другите луѓе, од нивното искуство, па среќна е што имала добри ментори за обука и учење во оваа професија.

- Advertisement -

 

- Advertisement -

„Доколку сакате кариера многу е важна професионалната надградба. Секој вложен денар во знаење е вистинска инвестиција за себе. Треба да верувате во себе, да вложувате во себе, да се инспирирате од другите и да бидете инспирација за другите. Ако една свеќа запали друга нема да изгуби ништо од својот пламен. Не се плашете да истапите со своите идеи, сепак ние ја имаме таа `женска интуиција` која ретко не` изневерува.“, вели Миовска.

Според неа, за сето ова треба да се има изградено цврст карактер и голема самодоверба.

„Јас сум личност која постојано си поставува предизвици во животот, како во кариерата така и во приватниот живот. Амбициозност, мотивираност, креативност, одлучност и истрајност – сите овие особини се меѓусебно поврзани. Амбицијата е ништо без мотивацијата, со креативност се изнаоѓаат решенија кои водат до одлучност, но истрајноста е таа која води до успех“, е препораката која им ја упати на другите жени.

Миовска вели дека нејзината професија е симбиоза помеѓу два спротивставени сегмента – работа со многу чести патувања. Таа е мајка и сопруга и среќна е што има голема поддршка од семејството.

„Ако уживаш во животот надвор од работата, тогаш ќе бидеш и подобра во својата работа“, е рецептот на Миовска за добар професионалец, но и за среќен брак и добра мајка.

Сподели!
- Advertisement -