Чувајте ги вашите празни пластични шишиња и донирајте ги за елката, која ќе биде откупена од Пакомак, а средствата донирани во хуманитарни цели.
Традиционално пред Нова година, твитерџиите повторно се организираат за правење на елка од пластични шишиња. Целта на настанот е да се подигне свеста за рециклирање и намалување на отпадот.
Настанот оваа година ќе се случува викендот на 22 и 23 декември. Во сабота, на 22 декември, помеѓу 11 и 14 часот ќе се собираат пластични шишиња на 5 пункта во Скопје – Порта Влае (пред Баду Бар), Лептокарија (на коцката пред Ревија), пред Универзална, во Т.Ц. Бисер и во Котур (парк Форум, зад Рекорд).
Правењето на елката е закажано за 23 декември, недела, со почеток во 9 часот, во паркот Форум, зад поранешен Рекорд.
Елката, заедно со неискористените пластичњи шишиња, по завршувањето на настанот ќе биде откупена од страна на Пакомак, традиционалниот поддржувач на оваа акција, а парите ќе бидат донирани во хуманитарни цели.
На акцијата и се приклучија и учениците од Гимназијата „НОВА”, а твитерџиите ги повикуваат сите заинтересирани лица, компании и институции да го сторат истото.
Исто така, тие апелираат да се чуваат празните пластични шишиња периодов, посебно оние од славите, и истите да се донираат на пунктовите. Секој кој сака да учествува во „китењето” на елката е добредојден, а повеќе информации околу настанот можете да најдете на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер.
Настанот е од отворен тип и сите кои сакаат да се вклучат се добредојдени.