Стопанската комора започнува соработка со стартап заедницата во Македонија

- Advertisement -

Зајакнувањето на соработката помеѓу големите, етаблирани компании и на стартап компаниите кои сега започнуваат со деловни активности, може да донесе заемни придобивки, забрзан раст и зголемена конкурентност во македонската економија, истакнаа д-р Татјана Штерјова од Стопанската комора на Македонија и Игор Маџов од „Стартап Македонија“, на денешната прес-конференција во Комората 

Стопанската комора на Македонија, како најголема и најзначајна бизнис асоцијација во земјата, започнува соработка со стартап заедницата во Македонија, претставена преку Здружението „Стартап Македонија“. Оваа соработка треба да придонесе за да се иницира потенцијалот на партнерство меѓу етаблирани компании / стартап компании / млади и иновативни таленти, како и да се иницира корпоративна иновација и дигитална трансформација во Македонија. Во рамките на соработката, планирани се активности за заемно вмрежување на етаблираните компании и стартапите, работилници за размена на знаења и искуства, обуки и тренинзи.

 

- Advertisement -

Освојувањето на нови пазари, но и задоволувањето на барањата на новите генерации на потрошувачи, кои континуирано се менуваат во согласност со новите трендови, од компаниите бараат постојано да воведуваат нови решенија, односно иновации во однос на производите и услугите кои ги нудат на крајните потрошувачи, но истовремено и во начинот на организација на производствените процеси и дистрибуцијата.

Традиционалните етаблирани компании низ Европа и светот, со цел да ја одржат и да ја подобрат својата позиција на пазарот, решението го бараат во изнаоѓање иновативни концепти поврзани со нивните бизнис процеси, производи или услуги, и тоа мора да претставува континуиран процес. На  пример, во рамките на САД, дури 88% од компаниите кои се нашле на рангирањето на 500-те најголеми компании на списанието „Fortune“ првиот пат кога било направено ова рангирање, во 1955 година, денес не постојат – тие се банкротирани, преземени, или се` уште постојат, но веќе не се на врвот на листата на најголеми компании. Како што се намалува очекуваниот период на постоење и успешно работење на компаниите, очигледно е дека компаниите мора континуирано да бидат во процес на унапредување, а иновациите мора да бидат составен дел од нивното работење. Проценките на списанието „Форбс“ се дека додека минатиот век просечниот животен век на најуспешните компании изнесувал 67 години, денес тој изнесува 15 години, што го наметнува императивот компаниите постојано да иновираат за да ги побијат овие очекувања.

- Advertisement -

Од друга страна, новооснованите компании на почетокот на своето дејствување се соочуваат со многу предизвици. Тие имаат ниско ниво на продуктивност и ниска конкурентност и мали можности за позначајно позиционирање на надворешниот пазар се` додека не ја зголемат својата продуктивност, односно нивната конкурентност на приближно просечно ниво со компаниите во земјите – извозни дестинации. Статистиките покажуваат дека просечно, на годишно ниво приближни се бројките на основани и згаснати деловни субјекти. Ова е уште повеќе изразено ако се имаат предвид податоците од петгодишен циклус на едно новоосновано претпријатие – според последните расположливи податоци на Државниот завод за статистика, во 2016 година само една третина, или 37,1 % од новосоздадени претпријатија во 2011 година сѐ уште биле активни во 2016 година и само 38,0 % од новосоздадените претпријатија во 2012 година, и овие бројки не се разликуваат многу и од светските трендови.

Демографијата на претпријатијата во Македонија покажува дека доколку се земе предвид критериумот број на вработени, малите и средните претпријатија учествуваат со 99,7%, а големите компании кои имаат над 250 вработени – само со 0,3%, во структурата на активните деловни субјекти.

- Advertisement -

Но, неспорно е дека македонските претпријатија, без разлика дали станува збор за големи компании, или за микро и мали претпријатија, се карактеризираат со потпросечна, односно ниска профитабилност и продуктивност. Тие имаат стапка на профитабилност од 11,7% за 2016 година и ниска продуктивност од 657.077 денари (10.659 евра) додадена вредност по вработен, наспроти 50.782 евра по вработен кај истите во ЕУ 28.

– Ова упатува на заклучокот дека многу поголеми можности за забрзан раст и на големите, етаблирани компании, и на стартап компаниите, кои сега започнуваат со деловни активности, можат да бидат обезбедени единствено преку зајакнување на нивната заемна соработка. Соработката која се воспоставува ќе им помогне на стартапите полесно да го изодат патот од иновации и претприемништво до бизнис, а на етаблираните компании од традиционален до иновативен и технолошки конкурентен бизнис, – посочи д-р Штерјова.

Игор Маџов од „Стартап Македонија“ посочи дека додека етаблираните компании се во постојан процес на зголемување на нивната иновативност и конкурентност на домашниот и на светските пазари, технолошките стартапи – флексибилни, креативни и иновативни по природа, имаат потреба да ги тестираат своите решенија во реален контекст, кај потенцијалните клиенти, но и да обезбедат предуслови овие компании да растат.

–  Богатството на знаење, искуството, пристапот до пазари и мрежи кои ги поседуваат етаблираните македонски компании, ќе им помогне на младите претприемачи од иновативни идеи да создадат успешни бизниси. Од друга страна, креативноста, технолошката супериорност и ориентираноста кон иднината кои ги поседуваат стартапите ќе им помогне на искусните компании дигитално да ги трансформираат и да ги иновираат своите бизниси, производи или услуги, да се модернизираат и да станат уште попрофитабилни и поконкурентни на странските пазари, – посочи Маџов.

Сподели!
- Advertisement -