Колку им верувате на технолошките компании и на која технолошка компанија најмалку им верувате кога се во прашање вашите приватни податоци? Ако вашиот одговор е Facebook, тогаш сте дел од мнозинството затоа што неодамна беше спроведено истражување во САД кое покажа дека луѓето навистина најмалку му веруваат на Марк Цукерберг и на неговата компанија, односно на социјалната мрежа.
Според тоа истражување, кое го спроведе компанијата за истражување на пазарот Toluna, за дури 40% Facebook е компанијата на која луѓето најмалку и веруваат. Хакерските напади, скандалот врзан за Cambridge Analyticа, како и бројните претходни проблеми со приватноста за кои се зборува од основањето на социјалната мрежа се некои од причините поради кои корсниците покажаа палец надолу за Цукерберг.
Facebook на оваа непопуларна листа е далеку пред „конкуренцијата“. Второто место го делат уште една социјална мрежа, Twitter и компанијата на најбогатиот човек на светот Amazon. На овие компании не им веруваат 8% од испитаниците, а потоа следува Uber (7%) и Google и Lyft, на кои не им веруваат 6% од корисниците.
Следни на листата се Snap и Apple, на кои најмалку им веруваат 4% од корисниците, па следува највредната компанија на светот, Microsoft (2%) и на крајот на листата со компании на кои луѓето најмалку им веруваат Netflix и Tesla со по 1%.