Наталија Бургиева: следната година нашите органски ѓубрива ќе ги пласираме на европскиот пазар!

- Advertisement -

Наталија Бургиева е економист, со над 15 годишно работно искуство која пред неколку години самоиницијативно почнува да се едуцира за органско производство на храна, нула отпад и циркуларна економија. Ја основа Мама Органа, компанија која од отпад од храна, произведува органски ѓубрива и обезбедува работни места за социјално загрозени лица. Досега со бизнис моделот на Мама Органа има освоено повеќе награди во Македонија и во Европа, а работи и како едукатор за органско производство

Објаснете ни го бизнис моделот на Мама Органа, кој обединува екологија, здравје и социјален развој?

Во Македонија, како и во остатокот од светот, дури 35% од храната произведена за јадење, се фрла. Кога се разложува, овој отпад произведува стакленички гасови, кои се директно одговорни за климатските промени, а креира и огромни трошоци. Само градот Скопје за колектирање и транспорт на овој отпад, годишно троши над 8 милиони евра.
Од друга страна 1 од 8 луѓе во Македонија, живеат на работ на сиромаштијата и навечер легнуваат гладни. 30% од овие луѓе се деца, најчесто од еднородителски семејства.
Направивме импакт бизнис модел со кој на отпадот од храна му додаваме вредност и од него произведуваме органски ѓубрива, кои им помагаат на фармерите во одгледувањето на здрава и еколошки чиста храна. Притоа вработуваме самохрани мајки, под социјален ризик.
Директно влијаеме на климатските промени, намалувањето на гладта и сиромаштијата, зачувување на биодиверзитетот, половата еднаквост, а промовираме и циркуларна економија за одржливи градови.

- Advertisement -

[quote]Во Македонија, како и во остатокот од светот, дури 35% од храната произведена за јадење, се фрла![/quote]

- Advertisement -

Како дојдовте до идеа за производство на органско ѓубриво и еколошки производи?

Во 2013 година, се соочував со сериозни здраствени проблеми поради кои бев спречена да работам. Болеста се повторуваше веќе трет пат и одлучив да се лекувам алтернативно. Решив целосно да го променам животниот стил, почнувајќи со исхраната и да конзумирам само органски производи. Но, како невработено лице и самохрана мајка
на 2 деца, ми беше многу тешко да обезбедам храна за семејството, а уште помалку органска поради цената. Во тоа време живеевме во стан, немавме простор да направам градина за да ја одгледувам сама потребната храна и почнав да експериментирам и да барам начини како да се одгледа здрав плод во мал градски простор. Истражував на темата
урбано градинарство по холандски принципи и осознав дека отпадот од храна е всушност одлична подлога за одгледување на нова. Почнав да го собирам, ферментирам и облагородувам тој отпад и на крај како резултат
да добивам квалитетен производ со високи нутритивни вредности. Ја препознав можноста, аплицирав во неколку акцелераторски програми каде се разви бизнис моделот и решението за личните предизвици еве сега веќе успешно го
имплементирам на едно поинакво ниво.

- Advertisement -

Која е социјалната компонентна на МамаОргана?

Бизнис модел на Мама Органа, предвидува вработување на самохрани родители. За оваа ранлива категорија нема државни мерки или се минимани и не овозможуваат достојно живеење. Особено се на удар жртвите на семејно насилство и мајките на деца под 5 години, кои или немаат каде да ги остават своите деца за да работатили не се психички спремни за тоа. Нашата идеја е да им дадеме шанса, кога нема други. Нудиме флексибилно работно време, можност за доаѓање на работа заедно со децата, за кои се обезбедени посебни услови. За оние кои не можат да се физички присутни, нудиме можност за работа на терен како комерцијалисти. Секој работник добива бесплатен тренинг за компјутерски вештини и англиски јазик.

 Колку е развиена свеста кај нас за предностите од користење на еко производи и органско ѓубриво?

Ова е болната точка на која секојдневно се трудиме да работиме. Ќе го земам за пример Скопје. Еколошката катастрофа е очигледна, а сепак многу малку луѓе прават промени на индивидуално ниво. Сите се во автомобилите и фрлаат ѓубре насекаде. Свеста е толку ниска што се уште немаме навика да селектираме отпад, а не пак од него нешто
да произведуваме. Има неколку компании кои се занимаат со оваа дејност, но тоа е премалку за да има мерлив резултат.
Органските ѓубрива не само што се потребни, туку се и нужни. Тие не содржат пестициди и хербициди, не ги загадуваат почвите и водите, а и допринесуваат за заштита на биодиверзитетот.
Но, во Македонија, наместо да се прават промени во законот за производители на ѓубрива, со кои ќе се одделат органските од конвенционалните произведувачи, се прават промени во законот за ГМО, со кои ќе се дозволи нивно
производство и трговија. Тоа ќе биде погубно за почвите, пчелите, биодиверзитетот и за човекот.

Каква е состојбата во светот на оваа дејност ?

Во Европа и светот работите се одвиваат поинаку. На почетокот на декември оваа година, во Полска се одржа ЦОП24- конференција на Обединетите Нации на тема климатски промени и животна средина. Заклучокот од конференцијата е дека ако продолжиме со ваков тип на индустриски развој и несвесност на индивидуално ниво, комплетно ќе
ја уништиме планетата Земја до крајот на 2050 година!
Се превземаат мерки за пронаоѓање на иновативни технолошки, човечки и природни ресурси, со кои би се замениле старите и нефункционални. Во Европа уште во 2015 година со стратегијата Европа2020, Европската комисија донесе 20 развојни цели, за кревање на свеста за животната средина и креирање циркуларни економии.
Бизнис моделот на Мама Органа имплементира 7 од овие 20 цели и од таа причина е препознаен и наградуван на  Европските и глобалните стартап натпревари и конференции.

[quote]Ако продолжиме со ова темпо на индустриски развој и несвесност на индивидуално ниво, комплетно ќе
ја уништиме планетата Земја до крајот на 2050 година![/quote]

 Кои ви се плановите за 2019?

2018 беше прилично успешна година за Мама Органа. Учествувавме во инвестициска програма на Импакт Хуб Виен. Во ноември на конференцијата организирана од страна на ЕВПА (European Venture Philanthropist Agency) во Полска бевме прогласени во топ 6 најдобри импакт бизнис модели, со што докажавме дека и од Македонија може да произлезат глобални решенија, што не прави особено горди.
Во 2019 година планираме повеќе оперативни операции и инвестиција. Со подршка на Шпаркасе банка и програмата „Чекор по чекор,“ но и од други извори, планираме да инвестираме во машини-декомпостери и во унапредување на техничките капацитети. Со инвестицијата тројно ќе го зголемиме производствениот капацитет, и ќе ги обезбедиме сите потребни извозни дозволи, за пласман на нашите производи на европскиот пазар.

Сподели!
- Advertisement -