Вкупно седум милиони евра ќе чини изградбата на новата соларна централа кај кичевски Осломеј, најавија компанијата ЕЛЕМ и Европската банка за обнова и развој на денешното поптишување на договорот за заем.
Договорот денеска го потпишаа директорот за енергетика и енергетски капацитети на ЕБРД, Хари Бојд Карпентер и директорот на ЕЛЕМ, Драган Миновски.
– Вкупното годишно производство од оваа нова фотоволтаична електрана е околу 15 гигават часови, доволни за покривање на годишните потреби на околу 2000 домаќинства. Проектот е значен не само од аспект на енергетските вредности, туку и од социјален и еколошки аспекет. Ќе се гради на веќе постоечкиот рудник во околината на РЕК Осломеј на 15 хекатари земјиште кое треба да се рекултивира со нова фотоволтаична електрана, рече по потпишувањето на Договорот за заемот директорот на ЕЛЕМ Драган Миновски.
ЕЛЕМ зеде кредит без државна гаранција од 5,9 милиони евра од Европската банка. Остатокот ќе го покрие самата компанија.
Оваа електрана ќе има 15 гигаватчасови моќ, доволни за годишна потрошувачка на 2.000 домаќинства, информираат од ЕЛЕМ. Ќе се гради на 15 хектари површина кај Осломеј.
Во нејзиното работење ќе бидат вклучени досегашните 1.000 вработени, кои претходно ќе добијат соодветна обука.
Пред речиси еден месец, Европската банка соопшти дека престанува да финансира проекти поврзани со јаглен, како дел од глобалниот напор на државните банки за развој да го намалат својот удел во климатските промени.