Со цел да се исчисти воздухо и да се намали емисијата на штетни гасови, пакистанскиот пристаништен град Карачи ќе почне да користи „позелени“ автобуси кои ќе трошат навистина „зелено“ гориво – кравји измет. Со средства од интернационалниот фонд Green Climate Fund, Карачи ќе ја лансира мрежата Green Bus Rapid Transit (BRT) составена од 200 автобуси кои возат на биометан и имаат нула емисија на штетни гасови.
Локалното население вели дека новиот автобуски систем, кој треба да почне да функционира во 2020 година, ќе помогне да се намали загадувањето и бучавата по улиците, но се сомневаат дека автобусите ќе бидат доволни за да се оживее транспортниот систем во градот. Според нив, јавниот транспортен систем во градот е опаднат откако се расипале кинеските автобуси кои возеле на природен гас и најголем дел од луѓето се возат со такси, штo уште повеќе придонесува за загадувањето.
Системот BRT е првиот проект за транспорт кој го одобрил фондот Green Climate Fund и ќе има поголеми еколошки и економски бенефити. Евтината и чиста мрежа од автобуси ќе може да пренесува по 320.000 патници дневно и ќе ја намали емисијата на штетни гасови на годишно ниво за 2,6 милиони тони јаглерод диоксид.
BRT ќе се состои од коридор од 30 км, каде што живеат околу 1,5 милиони жители, ќе бидат додадени 25 автобуски постојки, безбедни пешачки премини, подобрени тротоари, велосипедски патеки и паркинзи за споделување велосипеди.
Green Climate Fund е основан од Обединетите нации со цел да обезбедува финансии за земјите во развој и да им помогне да се развиваат чисто и да се адаптираат на климатските промени. Овој фонд ќе обезбеди 49 милиони долари за проектот во Карачи, кој ќе чини вкупно 583,5 милиони долари.
Горивото за „зелените“автобуси ќе се прави од изметот на 400.000 американски бизони кои ги има во Карачи. На овој начин ќе се менаџира и со околу 3.200 тони кравји измет кој инаку се фрла во океаните секој ден. Освен гориво, од изметот ќе се добива и ѓубриво и ќе се заштедат околу 190.000 литри вода кои се трошат за да се измие тој измет.