Милијардерите во светот секојдневно стануваат побогати за 2,5 милијарди долари, додека сиромашната половина на глобалната популација е сè посиромашна. Новото истражување на организацијата Оксфам покажа дека во 2018 година, најбогатите 26 луѓе во светот имаат богатство еднакво на половина од најсиромашните луѓе во светот.
Вредноста на најбогатите 26-мина во светот изнесува 1,4 трилиони долари, исто колку што е вкупната вредност на пари која ја имаат 3,8 милијарди луѓе во светот.
Моментално на светот има 2,207 милијардери, чија бројка од глобалната финансиска криза во последната деценија е двојно зголемена.
Најголемиот дел од нив се Американци, според листата на Форбс, како основачот на „Амазон“, Јеф Безос, првиот човек на „Мајкрософт“, Бил Гејтс, но и Ворен Бафет и првиот човек на „Фејсбук“, Марк Закерберг.
Студијата е објавена во пресрет на Светскиот економски форум во Давос, Швајцарија, каде се собираат најбогатите и највлијателните луѓе на светот. Истражувањето има за цел да го потенцира растечкиот јаз меѓу богатите и сиромашните.
Во него се предлага земјите да ги оданочуваат и богатите и сиромашните, да обезбедат универзална и бесплатна здравствена грижа, образование и други јавни сервиси. Оксфам исто така сугерира дека јавните добра како чиста вода за пиење, струја и платеното трудничко отсуство од работа треба да се достапни за сите.