Намалување на сивата економија и корупцијата се приоритет број еден за македонските компании. Тоа заедно со вопоставување на ефикасен судски систем и доследно спроведување на дговорите се сметаат за клучни приоритетни реформи кои би влијаеле за подобрување на деловното работење на малите и средни фирми во наредниот период. На листата на барања кои доаѓаат од бизнис секторот се и барањата за предвидлив даночен систем, ефикасна јавна администрација, ефикасно спроведување на царинските процедури како и поголема флексибилност на трудовите регулативи.
Во следниот график погледнете како се изјаснија испитаниците во истражувањето за оцената на бизнис средината во Македонија, направено во периодот 6 – 22 септември 2018 година.
Генерална цел на истражувањето е да се следи перцепцијата на бизнис секторот од аспект на моменталната бизнис регулативата во Република Македонија. Добиените резултати треба да им помогнат на стопанските комори и останатите креатори на стратешките државни политики за подобро разбирање на моменталната ситуација во бизнис секторот во Македонија, особено во делот на најчестите предизвици со коишто секојдневно се соочуваат компаниите при извршување на своите активности.
Како дел од проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во партнерство со Стопанска комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија, го спроведуваат ова истражување веќе трета година по ред, на репрезентативен примерок кој го претставува македонскиот бизнис сектор.
(Извор – www.biznisregulativa.mk)