- Advertisement -
Од волонтер за проекти во кои немало буквално ни денар, до развивање на бизниси кои имаат повеќецифрен биланс. Стефан Митров-основач на МЗДС Академијата за 3Д и гејм дизајн и претстадетел на АИНОВУМ организацијата за развој на ИТ технологијата во Македонија во интервју за Иновативност
Разговараше – Љубица Ангелкова
Oние кои го познаваат ќе кажат дека од мал бил бунтовник, никогаш не се вклопувал во просекот на својата генерација. Додека дел од професорите сметале дека од таков бунтовник тешко ќе создадат квалитетен кадар за иднината, некои ретки професори во него го видоа талентот кон електрониката која денес го има вивнато на многу светски височини.
Од волонтер за проекти во кои немало буквално ни денар, до развивање на бизниси кои имаат повеќецифрен биланс.
Стефан Митров-основач на МЗДС Академијата за 3Д и гејм дизајн и претстадетел на АИНОВУМ организацијата за развој на ИТ технологијата во Македонија, но истовремено пасиониран уживач на возење велосипед со сериозен багаж од илјадници километри, се уште верен навивач на ФК Македонија Ѓорче Петров (Лавови) , шампион во Џиу џитсу и веројатно во иднина го чека уште некое хоби кое само би го нијансирал немирниот дух на овој по многу нешта необичен лик.
Која беше твојата прва работа?
Почнав да заработувам од 8 одделение, работев како поправач на велосипеди, во еден дуќан, затоа што премногу сакам велосипеди. Електрониката пак ме однесе на 5 различни позиции. Денес сум комотен во визуелната индустрија, во која се пронајдов и гледам страшни потенцијали. Оттука и идејата да ја формирам Академијата, со цел на новите генерации да им пружам знаење на дланка од најдобрите, за кое јас лутав подолго време и дома и во странство.
Денес си позициониран на глобалниот пазар, но почетоците не ветуваа ваков успех. Што те натера да опстоиш на идејата?
Да, денес сум на глобалниот пазар, а почнавме од ситно. Денес сум во ситуација кога можам да се пофалам со квалитетна екипа, што честопати е мисија невозможна. Добрите познавачи знаат дека глобалниот фриленсерски пазар во визуелната индустрија не е стабилен.
Како стигнав до она што сум денес? Почнав во барака, во едни тесни улички на Порта Влае. Имав тежок почеток, а се надевав на силен старт. Замислете, стартувате кампања, очекувате интерес и добивате само 3 запишани слушатели во академијата. Размислував брзо и носев одлуки во чекор. Сватив дека нема да трошам средства за маркетинг кампањи, туку тие пари ќе ги инвестирам во бесплатни обуки. Така регрутирав кадар кој го внесов во светот на визуелната индустрија. Мојот таргет беа средношколците, а тие реално кај нас не знаат што сакаат од животот. За мене е поголем успех да дојде дете и да не се пронајде во мојата приказна, зошто е подобро да знае што не сака, отколку да не знае ни што сака.
Првата година бесплатно обучивме 120 студенти на акедамијата. Во втората година бројот скоро го дуплиравме на 220 студенти. Sony Picture, компанија за кој работевме, ја препозна иновативноста во нас, увидувајќи дека не создаваме само производ, туку создаваме кадри. Ние сме своевидна школа на идните експерти во визуелната индистрија. Тие не поддржаа, а ние возвративме со резултат двојно поголем од втората година и 400 студенти ја завршија Академијата.
Овој твој пристап зборува за филантропија, не за бизнис?
Ако му дадеш нешто на општеството, нема начин тоа да не ти се врати. Ако очекував успех на Академијата само со плаќање на школарини за обуките, ќе постоев уште, но резултатите немаше да бидат вакви. Учејќи на сопствените грешки ја искристализирав сопствената цел и визија. А мојата визија е дека наша најдобра реклама ќе биде портфолиото на нашите едуцирани студенти. Практично тие се нашиот најголем адут. Ние понудивме креативно катче, ги подготвивме да ги рашират крилата, да станат супер креативни. Па оттука да го одредат летот.
Некои од студентите на Аладемијата работат за Вас, некои флуктуираат на пазарот дома, но и во странство. Што ти кажуваат бројките?
Она што мене ми е важно е што секој што излегол од Академијата е вработен, значи заработува од она што го научил. Мнозинството работи за странскиот пазар, скоро 90% од нив, остатокот за домашни комапнии. Но најголемиот број од нив остануваат да живеат тука, зошто за нашите професии не е битно каде живееш, туку што создаваш.
Има и такви кои градат кариера по вертикала и за нив тука е тесно. Оние кои се супервизори во визуелната индустрија често заминуваат, зашто тука немаат квалитетни проекти за кои би се задржале. Ако го подигнеме нивото, и создаваме поквалитетни проекти, сигурен сум дека би останале. Ранливо е тоа што заминуваат, но оправдано затоа што им требаат нови предизвици во кариерата. Ми значи кога тука ќе дадат максимум, па како специјалисти одат во странство.
Генерално младите се жалат дека немаат пари? Веруваш во таквите изјави?
Јас им предлагам да заработат од било што. Мене ме плаќаа 50 ден од час кога работев како поправач на велосипед или точкар како пто велиме, професија која особено ја почитувам и со радост се сеќавам.
Каде и да си во светот може да успееш или да не успееш. Ако немаш цел нема успех, но мора од некаде да се почне. Нека бидат тоа мали чекори.
Академијата ја децентрализирате. Обуките ги правите низ градовите каде што има технички училишта. Често се јавувате и како донатори со техничка опрема. Зошто?
Квалитетната едукација е основа. Гледаме обуките да ги правиме низ целата држава, зошто проблем е за децата да дојдат во Скопје. Сите пари за маркетинг и промоција ние ги инвестираме во бесплатни обуки. На терен увидовме дека немањето на техничка опрема е проблем за сите училишта.
Затоа решивме да донираме.
Овој пат околу Македонија е своевиден поттик за развој на ИТ општеството во средните технички училишта.
Секогаш сум на страната на поинаквото образование. Таквото образование ќе регрутира и ќе создава ученици кои ќе едуцираат помлади генерации.
Во Битола дојде со цел. Која ти беше целта?
Две цели ме донесоа во Битола. Визијата за унапредување на информатичките науки, така што МЗДС Академијата за 3Д и гејм дизајн подари 3Д принтер на Средното техничко училиште Ѓорги Наумов во Битола.
А втората цел, ми беше шансата да зборувам како предавач на „Политеа“, школата за млади лидери во која имав можност да ги споделам моите ставови, моите инспирации и мојот пат до успехот до младата битолска публика. Да побудам љубопитство кај нив кон визеулната индустрија, а оние кои веќе работат во таа сфера да ги поттикнам да разменеме искуства и да се вмрежиме за идни соработки.
На Политеа најави и еден исклучителен настан за крај на mарт во Скопје. За што се работи?
Од 22 до 24 март во Скопје на конференција ги носиме едни од најдобрите инфлуенсери во светот на 3Д анимацијата, гејмингот, компјутерската графика, професии кои ги спојуваат дигиталниот и реалниот живот.
Pixar, Sony Picture, Lukas Film, Dream Works, Lynx, Ubisoft….се само дел од звучните имиња на глобалните компании кои свои претставници во улога на гости спикери ќе бидат во Скопје. Одлична шанса, Македонија да ја зацврсти позицијата на мапата на земји кои имаат регрутурано одличен кадар кој може да одговори на барањата на глобалниот пазар.
За крај, малку бројки, кои се статистика за твојот немирен спортски дух.
Во 2015год поминав 13.000км со велосипед. Во 2016год 7.000км со велосипед.
Сум ги поминал сите патишта низ Македонија, сите планини низ Македонија. И нешто од соседството.
Зад себе имам 55 борби во Џиу Џитсу, сум бил балкански и источноевропски шампион.
Јас сум спортски тип, сакам да се надминувам себеси и да ги кршам сопствените лимити.
- Advertisement -