Компаниите задоволни од новиот Закон за јавни набавки, предизвик ќе биде примената

- Advertisement -

„Економски најповолна понуда“ ќе биде новиот принцип на селекција при реализирањето на јавните набавки, и една од најкрупните промени воведени со новиот Закон. Тука се и објавувањето на годишни планови на јавни набавки, можност за директни плаќања на подизведувачите, електронската аукција повеќе не е задолжителна- како дел од новините

Компаниите генерално го поздравуваат новото законско решение иако во него не се земени предвид сите нивни забелешки, но целта на овие дебати е дијалогот да продолжи и тие да се земат предвид при изработка на подзаконските акти кои се уште не се готови.

“Економски најповолна понуда ќе биде новиот принцип на селекција во процесот на јавните набавки. Тоа во праска е многу тешко да се спроведе. Дали јавната администрација е доволно подготвена да спроведе таков тип набавки? Тука не е само евалуацијата на понудите, туку многу  побитно е како ќе биде направено тендерското досие, кои критериумите  ќе се стават внатре, дали службениците што ќе бидат во комисиите се доволно подготвени реално да ја изберат вистина економски најповолната понуда. Локални експерти во оваа област има многу, но колку тие реално ќе бидат вклучени во имплементацијата на новиот Закон, останува да се види“, изјави директорот на „Епицентар“ Љубомир Димовски пред денешната инфо-сесија во Стопанската комора на Македонија.

- Advertisement -

Новините во новиот Закон за јавни набавки беа презентирани денеска пред голем број компании во Стопанската Комора на Македонија. Инфо-сесијата „Можности за доуредување на новиот Закон за јавни набавки и прашања од интерес на компаниите“ во организација на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ отвори плодна дебата во полната сала на Комората.

Oд Стопанската комора на Македонија сметаат дека е добра одредбата електронските аукции да не се користат при набавка на интелектуални услуги.
“Се прифатија и барањата на компаниите за промена на начинот на пресметување на роковите за жба, а барањето да се исклучи набавката на услуги по електронски пат е делумно прифатено со тоа што во иднина по електронски пат договорниот орган ќе може да набавува само стандардни стоки и услуги“, изјави Јадранка Аризанковска од Стопанската Комора.

- Advertisement -

Најниската цена како клучен критериум во јавните набавки, преобемна документација, приспособување на тендерската документација кон фаворизираната фирма, проблематичната наплата, недоволно јасните услови на набавката како и задолжителната е-аукција се детектирани како клучни проблеми на компаниите кои учествуваат на јавни набавки, потврдија Герман Филков и Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации, кои подолго време ги следат јавните набавки во земјава. Според нив, со новиот Закон сериозно е подобрена транспарентноста, но воведувањето на принципот „економски најповолна понуда“ ќе бара голема подготвеност и на адинистрацијата и на фирмите.

“Ќе има големи предизвици во имплементацијата и се надеваме дека надлежните институции ќе продолжат да ги гледаат стопанските комори како нивни партнери и понатаму во допрецизирање на подзаконските акти“, вели Филков.

- Advertisement -

Компаниите барале на електронскиот систем да се објавуваат не само склучените договори, туку и нивните анекси, како и рерализираните договори зашто Законот за јавни набавки го регулирал сегментот до моментот на склучување на договорите, а понатаму се применувале одредбите од Законот за облигациски односи. Тоа и понатаму останува предизвик.

„Потребна е контрола и транспарентност врз реализацијата на договорите, дали се исполнуваат согласно тендерската документација и понудата и дали од страна на државните органи се врши навремено плаќање. Барање на бизнис заедницата беше и при одредувањето на критериумите за избор на економски најповолна понуда да се изработат подзаконски акти што ќе ги опфаќаат секторите, зашто има специфики при набавка на опрема зависно за што станува збор – ИТ услуги, земјоделство, но тоа не беше прифатено“, предочи Павлина Димовска, правен консултант од „Епицентар“.

Компаниите се сепак согласни дека од новиот Закон за јавни набавки очекуваат намалување на можноста за евентуални злоупотреби, обезбедување конкуренција и еднаков третман.

Проектот “Партнерство за бизнис регулатива“ има за цел да ја подобри бизнис регулативата и да им помогне на малите и средни претпријатија полесно да ја следат и имплементираат регулативата. Проектот го спроведува “Епицентар интернационал“ во партнерство со Стопанската комора на Македонија, Стопанскаат комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ), Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори.

www.biznisregulativa.mk

Сподели!
- Advertisement -