Многу експерти предуредуваат дека во иднина роботите и вештачката интелигенција ќе им ги земат работните места на многу луѓе и дека светот мора да почне да се подготвува за такво сценарио. Иако некои сметаат дека рооботите ќе им го олеснат животот на луѓето и ние ќе можеме да правиме поинтересни и креативни работи, како и дека ќе имаме повеќе време за уживање, песимистите предупредуваат на можноста за голема невработеноста, глад и нереди кои би настапиле во таков случај.
Но, се чини дека не мора само луѓето да стравуваат дека роботите ќе им ја земат работата, туку тие може да ги заменат и животните. Така повеќе места во светот денес се користи технологија и дронови за надзор на посевите, а фармерите во Нов Зеланд отидоа чекор понапред и за чување на стоката користат дронови кои лаат. Еден од попопуларните е DJI Mavic Enterprise, кој има можност за снимање звуци и репродикција на звучник.
Фармерите најчесто снимаат лаење на кучиња (иако некогаш користат и други звуци) и комбинацијата од дронови и лаење се покажа исклучително ефикасна. Еден фармер за The Washington Post вели дека дроновите се покажале поефикасни од овчарските кучиња затоа што во некои случаи животните знаат да им се спротивстават на кучињата, но не можат тоа да им го направат на беспилотните летала.
Дроновите на фармите можат да им заштедат и многу време и ресурси. На пример, барањето на некое изгубено животно, кое вообичаено го прават барем двајца вработени во текот на барем два часа, еден дрон може да го заврши за половина час. Луѓето повеќе не мора да пешачат со часови и да ги бараат животните туку само ќе го пуштат дронот и ќе појдат точно каде што се наоѓа животното.
Интересно е и тоа што овчарските кучиња веќе се навикнале на дроновите, па сега работат во тандем со нив и ја чуваат стоката. Сепак, беспилотните летала нема во блиска иднина да ги заменат животните затоа што не може да се користат при лоши временски услови и често треба да им се полни батеријата. Кога ќе се реши и тој проблем, ќе видиме каква судбина ги чека овчарските кучиња на фармите.