6.6 C
Skopje
среда, октомври 21, 2020

Во Македонија има 31 ученичка компанија! Како функционираат?

Kabtel desktop

Во Македонија проектот за претприемничко образование се реализира од крајот на 2017 година. Oва е едукативен проект кој веќе 100 години се спроведува ширум светот. Во нашата земја функционираат 31 ученичка компанија, а најдобрата ќе биде избрана на национален натпревар во мај. Тие во jули во Лил, Франција ќе бидат дел од голем настан на кој ќе бидат презентирани и наградени најдобрите ученички компании од цела Европа. За оваа програма во Македонија разговаравме со Љупка Панчевска, извршен директор на Junior Achiеvment во Македонија

Разговараше – Верица Јорданова

Г-ѓа Панчевска, од кога Македонија е дел од големото семејство на Junior Achievment?

Програмата започна во декември 2017 година се иновативен камп на кој учествуваа 30 наставници и 20 бизнис волонтери. Со ова започна реализација на нашата примарна задача – обука на наставници од средни училишта (стручни училишта и гимназии) за програмата „Ученичка компанија“. Станува збор за ученичка активност која се одвива од септември до јуни, во која средношколците имаат улога од менаџери. Тимовите си ги распределуваат различните улоги во ученичката компанија, дефинираат дали ќе развиваат производ или услуга и го разработуваат бизнис планот со помош на ментор-наставник кој што е обучен и сертифициран од наша страна.

Учениците во улога на менаџери добиваат поддршка и од бизнис секторот. Претприемачи и менаџери доаѓаат еднаш месечно на часовите како бизнис волонтери. Го разгледуваат бизнис планот, одговараат на прашања и дилеми на учениците, а понекогаш и спонзорираат одредени нивни активности.

Програмата која се изучува во рамки на оваа програма е одобрена од Министерството за образование и наука, Бирото за образование и Центарот за стручно образование. Посветени сме на економското и претприемничко образование, финансиско описменување и олеснување на пристапот до вработување за младите.

Колку училишта се опфатени во моментот со оваа програма?

Во моментот се опфатени 60 училишта, средни стручни и гимназии, од целата држава. Тоа се речиси половина од вкупно 131 средно училиште во земјава. Регистрирани се 31 ученичка компанија во 27 средни училишта.

Целта ни е да покажеме колкава е потребата од претприемничко образование и стекнување на знаења и вештини кои ги подготвуваат учениците по завршување на средното образование полесно да влезат во претприемничките води. Со формалното образование тие не стекнуваат никакви компетенции за бизнис.

Во таа насока сметам дека е многу важно да се заинтересираат учениците кои се дел од некоја ученичка компанија да ги сертифицираат своите претприемнички вештини. Сертификацијата ја правиме ние преку посебна веб платформа финансирана од Европската Унија.  Учениците имаат можност да полагаат на македонски и на англиски јазик. Сертификатот, кој е меѓународно признат, потврдува дека ученикот поседува седум вештини од типот на презентациски вештини, тимска работа, лидерство, финансиско знаење итн.

Во Европа оваа програма стартува од прво одделение и трае до завршување на студиите. Нашата интенција е и кај нас програмата да се прошири на основно образование.

Како се одвива полагањето за меѓународниот сетификат?

Предуслов за еден ученик да полага е да има формирано ученичка компанија. На крај на процесот на едукација преку учење и работа во ученичката компанија, процесот завршува со полагање на финален испит кој се состои од 30 прашања и трае 1 час.

Секој ментор кој е вклучен во нашата програма добива код за пристап до платформата по што генерира код и за ученикот кој може да прави предполагање и да се запознае со процесот на сертификација. Финалниот тест состои од 20 прашања.

Објаснете ни поконкретно што е ученичка компанија и како функционира?

Во една ученичка компанија може да се вклучи целиот клас, но учениците од еден клас може да се поделат во две ученички компнии. Целта ни е секој ученик да добие своја улога, како и во секој мини или микро компанија, и да се запознаат детално со петте управувачки функции. Секој треба да има шанса да ги учи тие вештини. Во ученичката компанија тие „работат“ цела учебна година и на крај подготвуваат компаниски извештај кој содржи: финансиски и маркетинг план, план за промоција, СВОТ анализа, лого и име на компанијата. Овој документ, на 8 до 10 страници, не е многу различен од извештаите кои ги прави секоја реална компанија, кој го доставува извештај до потенцијални инвеститори. Целта е овој документ да биде сериозно подготвен со цел да им отвори можност на учениците, доколку сакаат по завршување на работата, да го понудат проектот на реални инвеститори и таа компанија да стартува со работа.

Има ли таков пример досега?

Има ученички компании кои функционираати и кај нив потписник е директорот на училиштето. Искуствата со ученичките компании ние ги црпиме од Србија и Албанија, кои се наши земји ментори во овој проект. Таму фокусот е ставен на учење и на практична работа, а не на активирање на компанија.

Колку сте задоволни од досегашното функционирање? Како во пракса ова функционира?

Ние сме задоволни и од знаењата и од покажаните вештини на учениците. Се трудиме максимално на учениците да им овозможиме практични искуства и надвор од училниците. Една таква алатка е иноватниот камп, кој на 27 март ќе се одржи во Делчево. Правиме мешани тимови од ученици од различни градови и им задаваме тема на која ќе работат, пример енергетска ефикасност и иновација во дрвната индустрија. Тимовите интензивно работат и со помош на ментор  во брз рок треба да ја подготват презентацијата која ја оценува жири комисија.

Интенцијата ни е формирање на алумни клуб, што значи ќе се вмрежуваат и во иднина. Сакаме да ги задржиме со интересот, да останат заинтересирани за бизнис.

Што е постигнато досега?

  • Обучени и сертифицирани се 120 наставници од 50 средни училишта од 25 градови низ Македонија, за менторство во програмата на Џуниор Ачивмнет за ученичка компанија;
  • Вклучени 360 ученици од 25 Ученички компании 20 средни училишта (гимназизски и стручни) низ Македонија во имплементацијата на програмата за ученички компании на Џуниор Ачивмент;
  • Спроведен Иновативен камп кој овозможи 249 ученици (164 девојчиња и 85 момчиња) од 28 средни училишта од Крива Паланка, Куманово, Пробиштип, Битола, Охрид, Ресен, Валандово, Гевгелија, Прилеп, Кавадарци, Тетово, Велес, Берово, Струмица, Штип и Скопје да учествуваат во бизнис предизвик за енергетска ефикасност;
  • Организиран национален саем на кој 59 ученици имаа можност да се натпреваруваат на националниот натпревар на ученички компании;
  • Учество на победничката компанија на националниот натпревар на Европскиот натпревар на најдобри ученички компании, кој се одржа во Белград, Србија во јули 2018 година.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •