Студенти и професор од ФЕИТ развиваат дрон за 3Д мапирање кој е единствен на светскиот пазар

- Advertisement -

Vision Dynamix е спин оф компанија на Факултетот за електротехника и информациски технологии од Скопје, а истата е плод на идеја разработена како дел од магистерски труд и желба да им се пружи можност за професионален развој на младите инженери кои штотуку излегле од факултет. Основачи на компанијата се профeсор д – р Миле Станковски и неговиот тогашен магистрант Душко Муртовски, кои решиле од истражувањата направени на факултетот понатаму да развиваат производ кој ќе може да се комерцијализира.

(Пишува- Бисера Срцева)

- Advertisement -

Стартапот денес, освен основачите, има уште тројца вработени – Столе Јовановски, Андреј Георгиевски и Стефан Златинов, млади инженери кои се вклучиле во проектот додека биле на додипломски студии на ФЕИТ.

„Фирмата постои од минатото лето, но ефективно почна да работи од 1 февруари 2017 година. Ги одбравме тројцата најдобри студенти кои ќе работат на производот, двајца од ФЕИТ и еден од ФИНКИ и станува збор за кадар способен да работи на реални проекти. Ова е еден од начините како младиве да се задржат во државата. Не се работи толку за пари, колку што се работи за условите за работа. Проектот на кој работиме, производот кој го развиваме, е нешто што досега не постоеше на глобално ниво. Тоа што студентиве го работат, не го учат од книги, туку ги следат научните трудови кои сега излегуваат на конференции или во списанија“, раскажува за Иновативност професорот Станковски за почетоците на компанијата и за можностите кои истата ги создава за младите кадри.

- Advertisement -

Во вториот повик за проекти на Фондот за иновации и технолошки развој, тимот подготвил апликација и се нашле помеѓу неколкуте компании кои добиле грант од 30 000 евра за развивање на производот. Како што ни споделија, тој грант не е доволен за целосно да се развие ваков тип на производ посебно бидејќи проектот бара човечки ресурси и постојано работење на производот.

Визијата на Vision Dynamix е да излезе на светскиот пазар со уникатен и иновативен производ, односно како што веќе споменавме, самоуправувачко летало –дрон, кој ќе создава тридимензионални мапи. Професорот Станковски детално ни го објасни производот.

- Advertisement -

„Нашата идеја е да искористиме дрон на кој ќе го инсталираме системот кој го развиваме, односно систем за 3Д мапирање кој користи видео. Веќе постоечките комерцијални производи од ваков тип користат фотографии, а ние сме можеби првите кои користиме видео. Значи, воведуваме неколку новитети, меѓу кои и тоа што на дронот инсталираме компјутер со многу моќен процесор кој видеото ќе го обработува додека дронот лета во реално време. Сегашниве дронови за мапирање работат на принцип со тоа што дронот фотографира, а потоа системите офлајн ги обработуваат фотографиите и прават 3Д мапи. Сето тоа трае многу бавно, а нашиот систем овозможува поврзување на дронот преку 4G мрежа директно со канцеларијата на фирмата која врши мапирање.“

Она што е важно да се потенцира е дека системот кој го развива Vision Dynamix создава многу попрецизна мапа во однос на она што го овозможуваат сегашниве производи на пазарот. Тимот веќе го има развиено дронот со опремата, како и комуникацијата на дронот преку 4G мрежа, а во моментот работи на развојот на самиот алгоритам кој видеото ќе го трансформира во 3Д мапа. Дополнително, овој алгоритам може да врши и мапирање на рутата која ја поминал дронот при снимањето.

„Со производот исто така вршиме синтеза на повеќе сензори кои се наоѓаат на дронот како жироскоп, барометар, акцелерометар и GPS сигнал, а додаваме и т.н. RTK GPS или диференцијален GPS кој има фиксна точка на земјата и ги споредуваме позициите добиени од тој GPS и од GPS сигналот добиен од сателитите. Интегрирајќи ги тие сигнали во видеото што го добиваме, се придонесува кон создавање на многу поточна мапа. Овој проблем до сега го нема никој решено на светско ниво.“, вели професорот Станковски.

Од она што го раскажаа професорот и студентите, нивниот дрон најмногу може да се примени во геодезијата за снимање на теренот, како и при мапирање на трасите каде што се градат автопатишта и пругите, а каде што до сега се праќале луѓе на терен за таа намена. Потенцираат дека сега при вакво снимање доколку се направи грешка, истата ќе се воочи после часови или денови кога ќе се добијат снимките, додека пак алгоритмите кои тие ги развиваат веднаш ќе покажат доколку се јави некоја грешка при снимањето или пак доколку треба одреден терен да се сними повторно.

„Зборувавме и со луѓе токму од овие гранки како геодезијата и градежништвото, со тоа што некои од нив го видоа производот и реакциите од сите беа позитивни.“, велат од тимот.

Освен што производот сам по себе е важен и со потенцијал да направи револуција во овие гранки, она што посебно е за поздравување е можноста која им е дадена на младите луѓе да се развиваат и докажат преку работа на проект од ваков ранг.

„Покажавме дека на факултетот може да се направи спин оф фирма и дека може на инженериве да им се најде работа и тука. Исто така покажавме дека може да се направи добар производ кој ќе биде на светско ниво и кој ќе биде резултат од реална истражувачка работа на инженерите кои излегуваат од факултетот. Потребни се многу финансии секако, но со грантот кој го добивме од Фондот за иновации почнавме да работиме на развивање на производот и да им овозможиме плата на студентиве кои ги земавме да работат во фирмата.“, објаснува професорот Станковски.

Кога тројцата млади инженери почнале да работат во фирмата биле додипломци, а работата ги инспирирала да го продолжат своето образование и на постдипломските студии на ФЕИТ. Иако амбициозни и полни со самодоверба за она што го работат, тие останале скромни и исклучително ја ценат можноста која ја заработиле.

Тимот очекува до пролетта 2018 година производот да биде целосно готов пред да го претстават на пазарот и да почнат активно да бараат инвеститори. Велат дека секој инвеститор кој би сакал да вложи, прво бара да го види производот. Иако уште не се впуштени во барањето инвеститори, вестите за иновативниот производ дошле до некои странски инвеститори, па веќе во почетокот на следната година Vision Dynamix го очекува доаѓањето во Скопје на потенцијален инвеститор од една европска земја.

Сподели!
- Advertisement -