Филмовите како „Терминатор“, во кој има ликови направени од метал и можат да ја менуваат формата, можеби ќе станат реалност со најновото откритие на научниците. Според истражувачите кои работеа на откритието, експерименталните течни метали како галиумот и други легури помешани со никел или железо стануваат флексибилни и можат да менуваат форми, исто како злосторникот T-1000 од филмот „Терминатор 2: Судниот ден“.
Иако досега беа направени повеќе течни метали, тие имале главно две големи маани. Прво, супстанциите од кои биле направени се растегнувале само хоризонтално, па имале ограничена мобилност. Втората маана е тоа што можеле да менуваат форми само потопени во вода. Доколку се отстранат од течната средина, се претворале во супстанција слична на паста.
Со новите истражувања се решаваат овие два големи проблеми. Со додавање железо или никел, како и алуминиумска легура потопена во хидрохлорна киселина, истражувачите велат дека успеале драстично да го намалат притисокот на површината и да го растегнат материјалот четири пати повеќе од оригиналната големина.
Материјалот бил тестиран и потопен под вода и исто така покажал проводливост со поврзување на две електроди, па запалил и една ЛЕД светлилка. Истражувачите успеаја да надминат уште една пречка – поврзале електрода поставена вертикално над металот надвор од водата и течниот метал не се претворил во паста.
Иако ова откритие е уште далеку од остварување на фантазијата од филмовите како „Терминатор“, ова истражување сигурно е првиот чекор во тој правец.