Во Скопје, под надлежност на градската власт има 65.844 дрвја и 28.325 грмушки. Нив ги преброја и евидентира компанијата ГДи Скопје, творец на зелениот катастар на Скопје. За предностите од овој катастар разговаравме со директорот на оваа компанија, Дејан Крстевски
Разговараше – Сања Наумовска
За само неколку месеци, скопјани добија можност да го видат градскиот катастар на зеленило, кој се чекаше со години. Зеленилото на градските сообраќајници и паркови се преброја со помош на ГПС технологијата и се смести во градскиот географски информациски систем (ГИС). Во Скопје, под надлежност на градската власт има 65.844 дрвја и 28.325 грмушки.
Со ГИС граѓаните добија точни и транспарентни податоци колку зеленило има во Скопје, a до податоците може да пристапи секој. Во минатото овој тип податоци или ги немаше или се чуваа во фиоките на институциите. За предностите што ни ги обезбедува технологијата на ГИС системот во екологијата, но и во секој друг аспект на животот и во процесот на донесување одлуки, Иновативност разговара со Дејан Крстевски, директор на компанијата ГДи Скопје, творец на зелениот катастар на Скопје.
Што е ГИС (Географски информациски систем) и кои се позитивните страни на системот?
Во многу индустрии ГИС има големо значење и примена. За носење на паметни одлуки врзани со инвестиции или со поправање на грешки од минатото, мораме да имаме пристап до голем број различни податоци. Дури и за работи за кои ни изгледаат едноставни и секојдневни, како на пример поставување на семафори на улица, потребна е претходна широка анализа на стотици податоци, како што се урбанистичките планови во тој дел, поставеноста на подземните инсталации, правниот статус на земјиштето, дали земјиштето е заштитено како наследство и слично. ГИС ни заштедува посета на шест-седум различни институции кои ги поседуваат овие информации. Многу често тие податоците ги чуваат на различни начини и до нив е многу тешко да се дојде.
Како дојде до реализација на проектот Зелен катастар?
Градот Скопје е наш соработник повеќе од една деценија, а целиот ГИС се градеше постепено. ГДи Скопје работи веќе две децении, а технологијата која се користи за обработка на податоци од различен тип е релативно нова во нашата земја. ГДи Скопје е дистрибутер на ESRI софтверот, кој на светско ниво е лидер во областа на геоинформатиката. Градот Скопје инвестираше во оваа технологија и во кадар, а годинава го завршуваме проектот Инфраструктурен катастар на Град Скопје, кој ќе ги обедини сите поединечни апликации што се креирани во изминатите десетина години во различни сектори. Сите апликации ќе станат дел од еден покомплексен систем, со многу функционалности, а од друга страна многу едноставен за користење за секој граѓанин. Модерната технологија сега дозволува секој со неколку клика да може да дојде до информации, анализи или решенија кои му се потребни. Досега за да ги обезбеди истите му требале многу повеќе време и напор. Ова е еден од поголемите проект во регионот, како сплет на повеќе апликативни решенија интегрирани во едно потрфолио.
[quote]Зелениот катастар во секое време ни дава информација колку паркови има во Скопје, каде се сконцентрирани и каков квалитет на воздухот да очекуваме во една населба врз основа на количината на зеленило[/quote]
Конкретно, за зелениот катастар беше создадена ГИС софтверска платформа за пополнување на зеленилото над кое градската власт има ингеренции. Пополнувањето на дата базата со податоци траеше неколку месеци. Голем дел од податоците постоеја на хартија во институциите, но како такви беа практично неупотребливи за граѓаните.
Податоците за катастарот на зеленилото се собираа и директно на терен, преку мапирање на дрвјата со ГПС уреди. Системот е така поставен, да сите податоци за дрвјата кои што ќе се соберат при теренската работа автоматски се внесуваат во дата базата. Тоа не е процес што еднократно ги копира податоците, туку преку неколку модули се врши и валидација и верификација на истите.
Што е предноста на ваквиот тип менаџирање со податоците?
Во минатото сите институции ги собираа и ги чуваа информациите на хартија. Во тој процес човечкиот фактор игра најголема улога, но е и најголемиот проблем во предизвикувањето грешки. Во случајот со примената на ГИС технологијата се нуди можност за избор од предефинирани менија со што се намалува можноста да се внесат податоци со грешка. Валидацијата и верификацијата, при изработката на зелениот катастар, се прави во мобилниот уред на терен, а дел пред пренесувањето во централната база, со што се прочистуваат грешките. Доколку не беше технологијата, сите овие активности ќе требаше да ги извршуваат повеќе тимови на луѓе, за што ќе требаше многу време. Доколу сите податоци се квалитетни и правилно внесени, креирањето на зелениот катастар трае неполни два дена. Во моментов, најтешкиот дел од работата со попишувањето на градското зеленило е завршен, но од голема важност е постојано да се одржува и постојано да се обновува и храни со податоци.
[quote]Ако едно семејство сака да инвестира во недвижнини и да живее во средина со повеќе зеленило зелениот катастар ќе му ја даде најточната информација. Информациите се важни и за родителите кои бараат градинка или училиште каде има повеќе дрвја![/quote]
Какви бенефити имаат граѓаните од вака конципираниот катастар на градско зеленило?
Кога се донесе Законот за просторни податоци, се креираше порталот Национална инфраструктура на просторни податоци (НИПП) кој треба да ги обединува сите информации од неговите чинители, како што се министерствата и различните институции, во вид на централен ГИС потрал. Зелениот катастар како ингеренција на Градот Скопје треба да биде дел од НИПП. Од оваа дата база граѓаните ќе можат да црпат податоци кои им се од непосреден интерес. На пример, во секое време можат да дознаат колкав е бројот на дрвјата и грмушките, каква е нивната здравствена состојба, колку кислород ни создаваат, врз основа на пресметки според големината на нивната крошна. Во секое време имаме информација колку паркови има во Скопје, каде се сконцентрирани и каков квалитет на воздухот да очекуваме во една населба врз основа на количината на зеленило што е попишана. Сите тие информации можеме да ги употребиме доколку треба да донесеме некоја одлука или да направиме некоја анализа. На пример, едно семејство сака да инвестира во недвижнини, а инсистира да живее во средина со повеќе зеленило. Информациите се важни и за родителите кои бараат градинка или училиште каде има повеќе зеленило. Сите овие податоци може да ги добијат за миг и да си ја олеснат одлуката. Сите сме заинтересирани за еколошкиот потенцијал на градот во кој живееме. Дата базата на зелениот катастар, особено кога ќе биде комплетна со податоците за сето зеленило, ќе ни даде можност со еден клик да пресметаме колку квадратни метри зеленило има по жител во главниот град или во средината која не интересира. Овие податоци во минатото не ни беа достапни, а јавноста многу често ги бараше.
Зелениот катастар содржи детални податоци не само за бројот на дрвјата, туку и од кој вид се, колку се стари, колку е голема крошната, дали во нивна близина има потреба од нови садници и др. ГИС технологијата нуди техничка можност податоците во катастарот постојано да се збогатуваат и да се надополнуваат со додавање на податоци за општинското зеленило, но и дрвјата кои се засадени во приватните дворови на граѓаните.