Интервју со Илија Ќироски, раководител на Група дополнителни енергетски услуги во ЕВН, во врска со проектот “Електромобилност со ЕВН” и иднината на електричните возила во Македонија.
Господин Ќироски, кон крајот на минатата година започнавте амбициозен проект со наслов „Електомобилност со ЕВН“ чија што крајна цел е поширока адаптација на електромобилноста во Македонија. Кажете ни до каде сте во моментов со неговата имплементација? Дали веќе може да се зборува за некакви резултати?
-Во моментов завршуваме со поставувањето на четириесетте полначи на територијата на целата држава. Поставувањето го реализираме во соработка со општините, кои што ни помагаат во утврдување и овозможување на соодветни фреквентни локации за станиците за полнење. Поради специфичноста на теренот, во моментов во финална изработка се уште 2 полначи. Од започнувањето на проектот, досега, најголем е интересот кај нашите бизнис партнери за поставување на станици за полнење на електрични возила во рамки на нивните комерцијални објекти. Најголем е интересот кај угостителите, но и други објекти со висока посетеност како шопинг центри. За нас, тоа е индикација дека за градење на свесноста кај граѓаните имаме партнери во приватниот сектор, и тоа ни дава надеж дека патот кон широка адаптација на електромобилноста нема да го возиме сами.
Располагате ли со податок колку електрични возила има во МК и колкава е реално потребата за инвестицијата која вие во моментов ја реализирате? Колку се користат поставените полначи?
-Во Македонија во моментов бројот на електрични возила е толку мал, што не е возможно да се изрази ни колку возила има на 1000 жители, што е основна единица мерка за пенетрација на елекромобилноста во една земја. Но, ние не инвестиравме во електромобилноста поради моменталната потреба на пазарот. Напротив, целите на нашите напори се повеќеслојни: 1) подигање на свеста кај граѓаните за индивидуалните и колективните предости од користењето на електрични возила; 2) овозможување на широко достапна инфраструктура за полнење низ целата Република со што секој сопственик на електрично возило би ги уживал истите придобивки како и сопственик на конвенционално возило; 3) поставување на Македонија на интернационалната мапа на модерни земји и 4) континуиран раст на бројот на електрични возила на улиците и патишатата што ќе води кон 5) поквалитетен живот на граѓаните и почиста животна околина.
Која беше идејата за реализација на еден ваков проект?
-Проектот за развој на електромобилноста во ЕВН започна природно. Нашите колеги во Групацијата веќе имаа одредено искуство во нивните земји, а тука ние најмногу бевме мотивирани од повеќе локални фактори. Како најважно, аерозагадувањето е на алармантно ниво и сите мерки за намалување на штетните честички во воздухот се добредојдени и задолжителни. Понатаму, територијата на државата не е голема, па овозможување на мобилност низ и помеѓу градовите не е премногу тешко, само е потребна волја. И последно, токму малата застапеност на електричните возила и високиот потенцијал за нивниот раст ни беше една од најсилните мотивации.
Со оваа иницијативата ЕВН сака да го поттикне користењето на електрични возила во Македонија. Со оглед на фактот дека тие се поскапи од конвеционалните возила и фактот дека Македонците претежно возат половни возила, имате ли некои препораки како да се стимулира користењето на електрични возила во земјава?
-Токму така, тоа што ние го правиме е само еден дел од цела една група мерки и промени кои се неопходни за целносна трасформација на нашиот сообраќај. Сите чинители во процесот треба најпрво да ја сфатат својата одговорност, и потоа да почнат со преземање на конкретни чекори. Тука би ги вброил државните институции и локалната самоуправа со инкропорирање на стратешки мерки за забрзан раст на бројот на електрични возила, приватниот сектор со поголемо искористување на електричната енергија за мобилност на нивните возни паркови, финансиските институции со нудење на методи за финансирање на ваквите средства, зголемена ажурност и квалитетна понуда во салоните за возила итн. Се разбира, за да го достигнеме крајното највисоко ниво на искористување на електричните возила во сообраќајот, кај нас како и во светот, неопходно е општо поефтинување на технологијата. Сосема извесно е дека цените на електричните возила ќе продолжат да опаѓаат на глобално ниво и истите ќе добиваат поголема масовност.
За сите кои имаат електрични возила, кажете ни детали за надоместот за користење на полначите на ЕВН?
-Сѐ што сопствениците на електрично возило треба да направат е да се пријават за електронска картичка за полнење на emobility.evn.mk или во Инфо центарот на ЕВН во ГТЦ. Полнењето на електричното возило се активира со приближување на електронската картичка до RFID читачот на станицата за полнење. Пријавувањето е бесплатно, а и полнењето на сите полначи на ЕВН е исто така бесплатно во иницијалниот промотивен период од една година. За повеќе информации корисниците можат да се обратат и на 089 089 089.
Што ќе се реализира во рамките на овој проект во 2019 година?
-Покрај финиширањето на поставувањето на планираните полначи, ќе продолжиме да соработуваме со нашите бизнис партнери, но и општините и во согласност на нивните потреби и интереси ќе продолжиме со ширење на мрежата. Дополнително, планираме да спроведеме низа мерки за едукација на јавноста на темата, но и како и досега да поддржиме постоечки инцијативи на пазарот за промоција на електромобилноста.