Владимир Дади Ивановски: Уметноста ми помогна да внесам голема доза на креативност во ИТ индустријата

- Advertisement -

Да се остане и да се живее во Битола, за креативна личност како што е Владимир Дади Ивановски е вистинско чудо. За јавноста е познат како актер во комедиите на театарот “Солза и смеа”, го знаат и како фотограф и како режисер на наградувани музички спотови, гејмер во слободното време, но она што го задржа да остане во Битола е дизајнерската работа во ИТ секторот.

новинар: Љубица Ангелкова

фотограф: Петар Тасевски

- Advertisement -

 

Твојата работа претходно беше поврзана со независната сцена, без разлика дали работеше како актер, фотограф, режисер или дизајнер. Влезот во Цилиндо те определи да ги споиш твоите професионални таленти под еден хаб. Да станеш мултимедијален дизајнер во информатичката технологија. Дали таа одлука беше свесна или на старт ти беше само предизвик?

- Advertisement -

Самата ИТ индустрија е огромен предизвик. Само во последните неколку години излегоа многу нови софтвери и симулатори кои за претерано краток период станаа стандард во многу индустрии. Тоа најмногу ми даде мотив да прифатам таков предизвик. Не се плашев да учам нови “алатки” целосно свесен дека тоа не е крајна, туку појдовна точка. Цилиндо е местото каде што се вкотвив. Тоа е компанија во Битола, во која ако те внесат со затворени очи, ќе помислиш дека си во Копенхаген или во Силиконската Долина. Начинот на кој е менаџирана компанијата и условите кои ги нуди на вработените, е по светски стандард. Оттука и мојата конечна одлука да бидам овде и буквално да ги сведам сите професионални капацитети во една желба да работам нешто што ме прави среќен.

Кој е оној миг кога во главата ќе ти кликне дека ова е професијата од сетот професии кои ги поседуваш, ова е професијата со која има што да му пружиш на светот околу тебе и од тоа солидно да живееш дури и во Битола?

- Advertisement -

Тоа е тој момент што не дефинира како артисти. Едноставно е. Растев и ги изострував моите сетила во секоја смисла на зборот, мојата перцепција и вкус. Mе интересираше сe што можев сам да креирам, имав многу интереси. По природа учам брзо и така од хоби, работите прераснуваа во професионални ангажмани.

Твојот уметнички израз не припаѓа на вообичаениот јазик кој го карактеризира комерцијалниот пазар кај нас. Отсекогаш е посебен. Од друга страна остануваш тука, не пакуваш куфери, убеден дека таа твоја посебност и пристап кон дизајнот и уметноста ќе најдат место тука, во град и држава каде што главно се вртат истите вицови. Зошто?

Ова прашање доста често се поставува во мојот живот. Уште подемотивирачки е што сум свесен дека визуелните авторски права едноставно не постојат. Тоа е дел од растењето тука. Но, најмногу од се ми значат учењето и искуството. Можеби чудно ќе звучам за многу луѓе, но парите не ми се мотив на ниту еден почеток, затоа што знам ако сте добри во тоа што го правите, парите секако ќе дојдат. Јас Битола ја сакам и покрај недостатоците и слабостите. На Битола гледам како уметник. Убава е, покриена со историја испишана во секој сокак, на секоја куќа. За мене тоа е инспирација. Токму од оваа Битола дојдов и до нови идеи и потенцијални идни проекти.

Во Цилиндо работиш како сениор артист во одделот за визеулизација. Кој ти е главниот фокус на работа?

3Д графиката целосно и длабоко е навлезена скоро во секоја индустрија. Индустријата за мебел е само дел од тоа. Се разбира, тоа за сега е главниот фокус на Цилиндо, а мојата работа како Сениор Артист е тесно поврзана со секој визелен оддел. Главен фокус ми е тестирање и имплементирање на нови графички софтвери и техники во продукцијата. Претходното искуство со светло преку фотографијата, ми помага длабоко да навлезам во визуелниот изглед на продуктите кои ги работиме и во создавањето на огромен број текстури и материјали за најпознатите светски брендови како Ethan Allen, Century Furniture, Kravet, Timothy Oulton, Ligne Roset и многу други светски имиња во индустријата за мебел.

Твојата поубава половина е архитекет за енетериери, што е многу блиску до твојата работиш. Колку таа те напојува во слободното време за инспирации во она што го работиш?

Точно, мојата поубава половина Анастасија работи заедно со мене и е исто така Сениор Артист, што во нејзиниот случај таа е во нејзината омилена зона, дизајн на ентериери. Нејзиниот апетит за убав дизајн го интерпретира во нашиот дом и таа е инспирација сама за себе. Секогаш е несебична и искрена во нејзината поддршка.

Вљубеник си во видео игри и дел од ентузијастички тим кој изработи демо верзија за видео играта “Bal Kan – The Last Rebel”. До каде сте со овој проект?

Видео игрите се моја љубов од детство. Се сеќавам дека кога моите родители купија “Sega” конзола во која јас едноставно се заљубив. Се сеќавам дека се роди една љубопитност кај мене “како се прават видео игрите?”. Се разбира денес уметноста и технологијата се спојуваат околу видео игрите и имаме една нова ера на дигиталната индустрија која допрва ќе расте. Кога се вратив во Битола, се пријавив на еден многу интересен настан “Global Gem Jem” и за прв пат го почувствував тој дух за креирање игри. Така се запознав со програмерот Јован Цоклевски, а за музика ги побарав моите другари и колеги Димитар Андоновски и Дарко Илиевски со кои веќе неколку години соработував во музичката индустрија. “BAL KAN – The Last Rebel” е играта која заедно ја почнавме. Тоа е огромен проект чија реализација ќе трае сигурно уште неколку години поради комплексноста на приказната. Секако, со нетрпение чекаме да го презентираме првото демо што поскоро.

Имаш ли некои свои референтни точки или автори кои секојдневно те инспирираат?

Имам многу автори кои ме инспирирале во текот на мојот живот и се разбира во различни професии и различни периоди. Со текот на времето сфатив дека сите овие автори и уметници кои ги следам, биле инспирирани најмногу од историјата. Така, со многу трпение и истражување, дојдов до првата идеја за играта “BAL KAN”.

Твојот дедо е познатиот театарски режисер Владимир Гравче. За жал ти никогаш не го запозна, но гените го направија своето, од една пријавување на аудиција, до настап на штиците кои живот ти значеа долг период. Какво беше искуството со театар?

Многу ми е мило да кажам дека учествував во документарен филм за мојот дедо и се надевам дека публиката ќе може да го погледне наскоро. На приватната премиера јас бев шокиран од информациите кои никогаш не сум ги слушнал за него дотогаш. Неговите ученици, денес доајени во Македонскиот театар така емотивно зборуваа за него, како за нивен родител. Кога веќе зборуваме за ген, дома на моите родители им глумев од многу мала возраст  и отсекогаш сум имал огромна љубов кон театарот, одобено кон комедијата. Во моите средношколски години спонтано собрав храброст и се пријавив на аудиција во приватниот театар “Солза и Смеа”. И така почна мојата интересна приказна во театарот. И покрај тоа што повеќе не сум со тимот, секогаш ќе се навраќам во театарот и секогаш ќе се трудам да ја изнасмеам публиката со нешто ново. Театарот остави траен белег во мојот живот и тука научив многу за дисциплината, посветеноста и ценењето на напорната работа.

Влезе и во светот на музичка видео продукција и тоа не го направи наивно. Освои награди за своите спотови. Како беше онаа поговрка, што фати позлати?

Владимир: Музиката е еден голем дел во мојот живот. Без музика, не функционирам. Но кога работите “уметничко видео” за музика, тоа е огромен предизвик да се земе во свои раце. Исто како во филмската така и во музичката индустрија, визуелизацијата игра огромна улога во целоста на еден артист. Еден погрешен потег, може да ве чини кариера. Не би рекол дека “што сум фатил, сум позлатил”, но посветен сум на она што прифаќам да го работам и заедно со Слаткаристика, Тајзи и Ферус изведовме еден несекојдневен проект што донесе награда за најпопуларен видео запис.

За крај кои се твоите најголеми доблести, а кои се твоите недостатоци?

Хммм, интересно и директно прашање морам да признам. Иако не можам за себе многу да зборувам, оставам повеќе работата да зборува. Да се направи промена треба многу мудрост, храброст и верба, пред се поради жртвата што треба да ја направиме во тој момент… нешто треба да отфрлиме, за да добиеме нешто друго. Во мојот случај направив многу промени, некои точни, некои погрешни, но сите промени ми донесоа искуство. Ако веќе морам да издвојам, најголемата доблест според мене би била мојата енергија и трпение за да го поднесам сето тоа, а мојот најголем недостаток би било времето, кратко е за се што сакам да направам.

Сподели!
- Advertisement -