Група научници предводени од професорот Ненад Шестан од Универзитетот Јеил оствари неверојатно научно достигнување. Во своето истражување успеаја да вратат во живот мозок на свиња четири часа после нејзината смрт.
Ова откритие покажува дека е можно да се стопира пропаѓањето на мозочните клетки, што би можело да им помогне на научниците во истражувањата на Алцхајмеровата болест. Научниците ја развија технологијата BrainEx, со којашто успеаја ритмички да испумпуваат посебно направена течност околу мозокот и така да го имитираат пумпањето на срцето. Течноста содржела синтетичка крв и лекови кои го забавуваат пропаѓањето на мозочните клетки и овозможила нивно враќање во живот.
Благодарение на оваа технологија научниците успеаја да го оживеат мозокот до ниво на кое забележале активност во синапсите и потрошувачка на кислород како кај нормален жив мозок. Фасцинантно е тоа што активноста ја забележале 10 часа откако починала свињата.
Но, научниците во својот труд објавен во списанието Nature напоменуваат дека иако забележале активност во мозокот, немало траги за електрична активност која би значела и постоење на свест. Тоа значи дека иако давал знаци на живот, мозокот и понатаму бил мртов. Кличнички речено, тоа не бил жив мозок, туку активен мозок.
Сепак, фактот дека успеале да го оживеат кажува колку малку знаеме за овој битен и сложен орган. На долгорочен план, работата на професорот Шестан и неговиот тим би можела да помогне за зачувување на функциите на мозокот после големи трауми како што се повреда на мозокот или мозочен удар, кога мозокот останува без кислород и почнува неговото пропаѓање.