Културниот, верски и историски симбол на Париз и на европската култура за кратко време ги обедини Французите и целиот свет, но и многу богаташи се тркаат кој ќе даде повеќе пари за нејзино обновување. За жал, освен пари за обнова на готската катедрала ќе бидат потребни и детални контрукциски и уметнички планови за самата градба, кои не се премногу детални ниту се целосно зачувани, па работата ќе биде доста макотрпна и тешка додека се успее во правилната и детална реконструкција.
Меѓутоа, неочекуван јунак во оваа приказна може да биде играта Assassin’s Creed: Unity, која е издадена во 2014 година, а дејството е сместено во стартио Париз во добата на револуцијата. Иако играта доби средни до лоши критики и важи за една од најслабите во серијалот, она по што апсолутно се разликува е преубавата графика на Париз од тоа време. Токму тој момент може да ја спаси Франција од губење на Богородичната црква од Париз затоа што оваа градба неверојатно детално е вклучена во играта и претставува едно од најдобрите 3Д мапирања на Нотр Дам.
Уметничката Каролина Мијуз, која работела на Нотр Дам за потребите на играта, изјави дека челновите на тимот поминале години на што подетално и поверодостојно пренесување на катедралата во светот на играта и дека оделе до такви детали што секоја тула имала своја текстура која одговара на иста тула во реалниот свет.
Сите тие детали може да бидат од неизмерна помош за луѓето кои ќе работат на реконструкцијата. Познатиот француски издавач на видеоигри Ubisoft, кој ја создаде играта, се приклучи на компаниите кои ќе донираат пари за обновата и донира половина милион евра. Освен тоа, ги повика сите гејмери да ја посетат виртуелната Нотр Дам во играта Assasin’s Creed Unity, па им овозможува на сите луѓе бесплатно да ја симнат играта за персонален компјутер од овој линк во текот на идната недела.