Шахар Бахири е 28-годишен иноватор од Израел. Тој е дел од тимот на стартап компанијата Valerann, која разви нова технологија за безбедност на автопатиштата која веќе се тестира на неколку автопати во Израел, САД и Велика Британија. Проектот финансиски е поддржан од повеќе инвеститори меѓу кои Telefonica, Qualcomm, To be Angels, како и поддржувачи од САД и од Бразил.
Бахири го запознавме за време на студискиот престој во Израел кој беше поддржан од УСАИД Проектот за развој на деловниот еко-систем, со цел развој на македонскиот иновациски и стартап еко-систем. Групата составена од претставници од Стартап Македонија, Сивус акцелератор, УКИМ акцелератор, Македонска Берза, CEED hub, технолошкиот парк на Универзитетот на Југоисточна Европа во Тетово, Mинистерството за економија, Фондот за иновации и технолошки развој, како и претставници на порталот Иновативност и неколку компании, имаа можност детално да се запознаат со работата на повеќе клучни институции и организации кои активно делуваат на богатата израелска стартап и иновациска сцена.
Пишува – Верица Јорданова
Млад, енергичен, јасен во образложување на иновацијата, Бахири не освои на прв впечаток. Пасионирано зборува за технологијата која треба да креира побезбедни патишта, на кои секоја година гинат илјадници луѓе ширум светот.
„Технологијата за побезбедни и поефикасни патишта се базира на способноста за навремено добивање на информации. Замислете што би се случило додека возите на патот со автономно возило, а има доцнење на информациите кои се од суштинско значење за безбедноста, како што е сообраќајна незгода или расипано возило на пат?
Нашиот систем базиран на сензори има способност да лоцира возило кое стои на патот и е опасност за безбедноста, за само 10 секунди. На задниот дел од возилото ќе се запали црвено светло и по само десет секунди ќе има известување за несреќата. Со помош на таа информација другите возачи ќе го забележат инцидентот и ќе можат да го спасат животот на луѓето кои можеби се во опасност“.
Израелската компанија која започнала со работа во август 2016 година тргнала од едноставна анализа на патната инфраструктура. Идејата била да не треба да се прават никакви дополнителни вложувања или промени на постојната патна инфраструктура, туку едноставно новиот систем да се постави на постојните рефлектирачки столбови покрај патиштата. Тимот им понудил на владите и општините, во чија надлежност се патиштата, кога поставуваат нови рефлектирачки столбови или ги заменуваат постојните да го постават Valerann системот, кој има „животен век“ од најмалку 5-7 години. Така, всушност ќе заштедат и средства затоа што сензорите се независни и имаат вградени батерии кои можат да работат половина година со постојано користење. После половина година, ако се изложени на директна сончева светлина една недела, ќе можат да работат уште половина година. Комуникацискиот модул исто така е соларен и целосно независен од електрична мрежа. Овој самоодржлив систем е револуционерен затоа што никој досега не размислувал дека може да се добијат повеќе информации од патиштата, отколку од самите автомобили.
Она што исто така е револуционерно во овој систем, е фактот дека не е потребен човечки фактор за прибирање и анализа на податоците. Системот е end-to-end. Valerann e одговорен за: инженерингот, механиката, електричните кола, комуникациските методи, аналитиката, интерфејсот итн. Собраните информации потоа може да се споделуваат доколку некој плати за тоа. Ако информациите се во сопственост на владите, тие може да ги споделат со јавноста. Ако се во приватна сопственост, сопствениците можат да ги споделат правата со Valerann, па тие да ги споделат информациите со светот.
Кои се вашите клиенти и кој го купува сензорскиот систем на Valerann?
Системот им го продаваме директно на владите. Тие се многу заинтересирани за напредни технолошки решенија затоа што сообраќајните метежи и незгоди ги чинат многу пари. На пример, во Израел една сообраќајна незгода со човечки жртви може да ја чини државата дури 2 милиони долари!
Со нашиот систем, сите патишта кои не можат да си дозволат друго технолошко решение ќе станат побезбедни без инвестирање во посебна инфраструктура. Информациите кои ги добива системот може да се пренесуваат и до паметните возила, па затоа, за оваа намена склучивме партнерство со Jaguar, Land Rover, Bosch итн.
Во моментот во која фаза е развојот на продуктот?
Сега сме во бета фаза од тестирањето. Системот е инсталиран на најпрометниот автопат во Израел, на автопатот М1 во Британија и на патот i95 во САД. Сакаме да докажеме дека системот може да направи многу повеќе од технологијата која ја користеле досега, за многу пониска цена. Резултатите се подобри од системите за безбедност со камери кои чинат од 1 до 4 милиони долари.
Кој е тимот кој стои зад ова иновативно решение?
Во моментот Valerann има 25 вработени. Во Израел се работи на истражување и развој, а во Велика Британија имаме сектор за бизнис развој. Јас сум најмладиот член од тимот и имам 28 години. Не сум инженер, немам завршено факултет, дури не завршив ни средно затоа што имав финансиски проблеми. Затоа ја основав компанијата. Отсекогаш сум ја сакал технологијата, природата и се што има врска со науката. Израелската армија го поддржува развојот на технологијата, па затоа станав маринец, а потоа работев како тест-пилот на тајни мултидисциплинарни операции на Министерството за одбрана.
Кога почнав да ја разбирам технологијата и она што ни треба за исхрана, за енергија, за вода за пиење, за транспорт, сфатив дека единственото нешто што можам да го направам е да помогнам во транспортот. Потоа сфатив дека не знам ништо за стартапи, па ги собрав најдобрите луѓе што можев да ги најдам од индустријата. Еден од моите вработени беше директор за комуникации во Intel и менаџираше со 700 луѓе во Израел. Нашиот системски инженер бил главен технички директор на Aeronautics, најголема компанија за беспилотни летала во Израел. Ги собравме најдобрите умови затоа што знаевме дека не можеме ништо да постигнеме сами.
Мојата работа е да се соочувам со предизвици и да ги натерам луѓето да работат без тие да се соочуваат со големите предизвици. Мојот постојан предизвик е скалабилноста затоа што кога растете, мора да се менувате, а кога се менувате мора зад себе да го оставите тоа што го знаете и што сте го научиле за да пораснете. Тој континуиран процес е многу напорен, но со такви големи умови е полесно да се направи.
Со оглед на тоа дека системот ќе се поставува на јавни патишта, кој и за што ќе плаќа?
Компаниите кои управуваат со патиштата нема да плаќаат за негово користење, затоа што тие нема да ги добиваат информациите. Ние наплаќаме само за податоците кои ги собираме, а најзаинтересирани за овие информации се владите. Соработуваме и со компаниите кои управуваат со патарините затоа што тие имаат директен интерес да привлечат повеќе автомобили на патот и да го направат што побезбеден. Ако се случи незгода на патот овие компании плаќаат казна на државата, дури и ако незгодата не е сериозна, па затоа се заинтересирани патиштата да бидат побезбедни.
Најважно од се е дека овој систем креира големи заштеди. Во Вашингтон, на пример, има една обиколница каде што од наутро до попладне сообраќајот се насочува кон градот. Попладне се блокираат сите влезови на патот и сообраќајот се пренасочува во обратна насока. Во периодот од час и половина додека се пренасочи сообраќајот градот губи дури 3 милиони долари. Со нашиот систем пренасочувањето на сообраќајот може да се направи за само неколку минути и да се постигнат огромни заштеди!
Всушност, никој веќе не е заинтересиран за податоците, туку за крајниот исход од нивно користење. Кога отидовме да го презентираме системот кај локалните власти во Лондон тие рекоа дека не ги интересираат информациите затоа што имаат премногу. Замислете, во Лондон има поставено 14.000 камери и не знаат што да прават со информациите кои ги добиваат. Рекоа дека сакаат само резултати – да немаа сообраќаен метеж и да ги спречат сообраќајните незгоди.
Како функциниора системот на паметни патишта на Valerann погледнете на следното видео: