На плоштадот „Алија Изетбеговиќ“, во непосредна близина на Собранието во Сараево поставени се две соларни стебла кои ќе ја користат сончевата енергија за осветлување на околниот простор, но и ќе служат како полначи за мобилни телефони, таблети и сл.
Станува збор за проектот „Прво соларно дрво на Општина Стар Град“, кој укажува на важноста на користењето обновливи извори на електрична енергија, а го реализираа Општината и Фондот за заштита на околината на БиХ.
„На граѓаните и на бројните туристи им овозможивме по прв пат во Стар Град да користат соларни стебла за полнење мобилни телефони, таблети и лаптопи, како и бесплатен безжичен Интернет на јавни површини. Во моментот се работи на апликација која ќе ги поттикнува корисниците за ја чуваат околината, а ќе ги потсетува и на важноста на користењето обновливи извори на енергија“, велат од Општината.
Оттаму најавија дека ќе го изберат најдоброто студентско решение за трето соларно дрво преку проектот на Здружението на инженери на глобално ниво. Соларните стебла со помош на сончевата енергија ќе служат за осветлување на околниот простор и како бесплатен хотспот. Во состав на стеблата има и клупа која ќе служи за одмор.
До крајот на месецот ќе биде во функција и апликацијата, која ќе биде бесплатна и достапна за сите корисници на паметни телефони и таблети со оперативен систем Android. Таа ќе биде направена во форма на сликовница со анимирани содржини со цел подигање на свеста на младите за еколошките проблеми и за значењето на користењето енергија од обновливи извори и ќе биде достапна на босански/хрватски/српски и на англиски јазик.