Весна Иваноска: Во следните три години ќе инвестираме половина милион евра во иновативни стартапи!

- Advertisement -

Повикот за стартап компании кои сакаат да аплицираат за Акцелераторската програма на Сеавус Акцелератор официјално ќе почне на 13 мај годинава. Кој може да се пријави? Колкава инвестиција ќе може да добјат компаниите кои ќе влезат во оваа програма? Каква ќе биде ментосрката поддршка? Ова се дел од прашањата чии што одговори ги добивме од Весна Иваноска, директор на Сеавус Акцелератор 

Разговараше – Верица Јорданова

Кон крајот на минатата година Сеавус Акцелератор се најде меѓу поддржаните проекти од страна на Фондот за иновации и технолошки развој. Каков предизвик беше овој проект за вас и до каде се подготовките за стартот на вашите активности?

- Advertisement -

Сеавус Акцелератор е нашиот најамбициозен проект досега, а сепак предизвик кој природно се наметна како еден од приоритетите на корпоративно ниво. После неколкумесечни подготовки и административни процедури, подготвени сме да започнеме со работа. Овој период во фокусот ќе бидат ПР активности со кои практично го најавуваме Повикот за стартап компании кои сакаат да аплицираат за Акцелераторската програма на Сеавус,  а кој и официјално ќе биде активен почнувајќи од 13 мај годинава.

Сеавус Акцелератор е продолжување на пред-акцелераторската програма што се нудеше во инкубаторот на Сеавус. Во што е разликата помеѓу овие две програми ?

- Advertisement -

Сеавус Акцелератор е продолжување на нашата мисија за развој и поддршка на претприемништвото и повисоко ниво на поддршка на младите бизниси од она што ги нудеше Сеавус Инкубатор, инаку наш социјално одговорен проект преку кој  обезбедувавме  ко-воркинг простор за работа и менторска помош.

Овојпат, потпомогнати од Фондот за иновации и технолошки развој, за иновативните стартапи од областа на технологијата, покрај ментоската програма, обезбедивме фонд од преку 500.000 евра кои ќе бидат инвестирани во наредниве 3 години. Со тоа, Сеавус Акцелератор е меѓу првите организации кои на домашните стартапи ќе им овозможи комплетна поддршка за раст и развој.

- Advertisement -

Сеавус Акцелератор е еден од трите акцелератори кои се отворија со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој. Која е вашата предност во однос на другите акцелератори во земјава?

Сеавус Акцелератор и во апликацијата јасно се профилираше како корпоративен Акцелератор фокусиран на технолошки ориентирани бизниси. Тоа значи дека ова е и главниот предуслов за еден бизнис да може да аплицира во нашата акцелераторска програма. Ваквата определба се наметна сосем природно имајќи предвид дека Сеавус е лидер во софтверски решенија во Македонија и регионот и успешно позициониран глобален бренд. На групациско ниво може да сметаме на преку 1.000 ИТ кадри во различни технологии што не прави убедливо најголема заедница на професионалци од областа на информациските технологии. Знаењето, искуството и големата мрежа на клиенти и контакти низ целиот свет  градени во изминатите 20 години, покрај инвестицијата, ќе бидат од непроценлива вредност за новите компании на кои им е потребна поддршка. Исто така, една од нашите заложби е активностите на акцелераторот да ги прошириме и надвор и да развиваме соработка со нашите многубројни партнери дома но и во Европа, како што се SCV (South Central Ventures) инвестицискиот фонд, Стартап Македонија, иницијативата Startup Europe, новооснованата мрежа на Startup Europe за Западен Балкан, како и нашите партнерски организации и проекти претежно од Европските организации за развој и поддршка на стартап еко-системи.

 Спомнувате дека на делот инвестиции ќе му претходи Акцелераторска програма. Кажете ни нешто повеќе за истата?

На инвестицискиот циклус ќе му претходи акцелераторската програма . Замислена е како 6+6 неделна активност за најдобрите 15 компании кои ќе ќе бидат селектирани и прифатени во програмата. Првите 6 недели се резервирани за заедничка (cohort based) програма низ која ќе минат сите 15 стартапи заедно, додека вториот дел од програмата, и содржински и од аспект на динамика, ќе биде во целост прилагоден на секоја компанија посебно. Сеавус Акцелератор посебно внимание ќе посвети на менторирањето по мерка бидејќи стартапите често потенцираат дека постои јаз помеѓу она што го нудат организациите за поддршка и она што е суштински предизвик за секој стартап.

Менторската мрежа е една долга листа на професионалци со кои соработуваме и таа постојано се проширува. Најголем дел од менторската листа ја сочинуваат Сеавус експерти, дел се странски ментори со кои имавме успешна соработка во инкубаторската програма, ментори од партнерската мрежа на startup Europe и ЕУ проектот MyGateway,  а дел од листата на ментори се обезбедени и континуирано дополнувана  од страна на нашите партнери Swiss EP и други организации, компании и индивидуалци, со кои интензивно се среќаваме во текот на овој подготвителен период.

 Финансиската помош е за многумина најатрактивниот дел од Акцелераторската програма. Кога очекувате да се случат првите инвестиции и колкави ќе бидат истите?

Акцелераторската програма завршува со т.н.  Демо ден – Ден за презентации на кој Комитетот за инвестиции ќе одлучи кому ќе додели средства во првата фаза. Иницијалната инвестиција изнесува до 32.000 по компанија и таа очекуваме да се случи најдоцна во период од 6 месеци после официјалниот старт на програмата , а во фазата понатамошни инвестиции позитивно оценетите компании од првата фаза може да добијат дополнителна инвестиција во износ до 100.000 евра.

 За крај би ве прашала како го оценувате домашната стартап сцена? Можеме ли да зборуваме за стартап еко-систем и каде сме во однос на европската и светската пракса?

Свесни сме дека  домашниот еко-систем само што започна да се буди и следните 2-3 години ќе бидат критични за негово консолидирање. Динамиката со која досега се одликуваше е повеќе на ниво на градење  и вмрежување на заедницата, градење на свесноста и интересот за почнување на свој бизнис , а многу помалку на конкретни инвестиции и растење на шампиони. Сепак сметам дека за посериозна оцена на еко системот ќе можеме да зборуваме по првите поголеми инвестиции и уште подобро излезни стратегии. (Exit strategies). Овој процес е започнат, пред се како резултат на засилената активност на Фондот за иновации и секако приватниот сектор кој се охрабри потранспарентно да ја следи стартап сцената. Сепак стартап културата ја чинат повеќе фактори: образованието, научно истражувачката дејност, иновацискиот потенцијал кај домашните компании, законската регулатива и клима, менаџирањето со таленти, одливот на кадри и многу други.

Во светот и Европа има исклучително охрабувачки примери. Неодамна имавме можност да го посетиме и истражиме израелскиот модел кој по многу нешта е фасцинантен и од кој дефинитивно може многу да се научи. Сепак не смееме да заборавиме дека секој еко – систем е уникатен и не значи дека она што успеало или не успеало во еден еко систем со сигурност ќе се случи и во некој друг нему сличен.

Сподели!
- Advertisement -