Директорот на компанијата PUBG, Брендан Грин, кој е и креатор, уредник и кинематограф на истоимената игра, успеал да го помине патот од живот на социјална помош од 300 долари месечно до огромна заработка благодарение на неговата игра вредна милијарди долари. Брендан Грин дури и се преселил дома кај своите родители кога имал 37 години за да може да ја развива играта.
Сега, неколку години подоцна, неговата игра Player Unknown’s Battlegrounds (PUBG – Војна на полето Непознат играч) заработува повеќе од милијарда долари. „Тоа е едноставна игра со почетни стотина играчи, а потоа кругот се стеснува и треба да остане последниот човек на нозе“ објаснува Грин.
Тој за CNBC опишува како морал да штеди пари и како онлајн соработувал со гејмери на други игри кои му покажале за него непознати варијанти. Потоа го видел нивниот код, се обидел да го сфати и почнал малку по малку да го менува за да ја создаде својата верзија. Тој видел дека има простор за уште инвестирање и развој на неговата игра, а за тоа морал да поднесе многу жртви. Од Бразил, каде што живеел, се вратил кај родителите, кои не биле одушевени од неговиот бизнис план да развива сопствена игра.
„Како мислиш да заработиш од тоа?“ го прашале затоа што во тоа време земал социјална помош од Ирска за да може да ги плати серверите. „Не бев среќен во тој период затоа што навистина бев загрижен што ќе се случи и дали има иднина мојата кариера“ се присетува Грин.
PUBG буквално експлодирала на сцената на видеоигри веднаш по лансирањето во 2017 година. Сега има повеќе од 50 милиони корисници на компјутери и повеќе од 200 милиони корисници на мобилни телефони. Играта оствари вкупни приходи од 1 милијарда долари само во 2018 година.
„Видеов дека продажбата постојано расте, особено откако се приклучи Кина и беше навистина лудо“ вели Грин. Тој додава дека нема да направи PUBG 2, туку заедно со неговиот тим ќе работи на подобрување на оригиналната верзија. Без оглед на големиот успех, Грин се обидува да живее поскромен живот, како и да работи секој ден од 9 до 17 часот.