Каблите со оптички влакна направија револуција во светот на мрежната комуникација уште од моментот кога се патентирани, пред речиси четири децении. Иако сите знаеме дека оптичките кабли се значително подобри од традиционалните, бакарни, дали некогаш сте се запрашале зошто?
Ако ги споредиме оптичките кабли со бакарните, веднаш ќе видиме дека тие се полесни и пофлексибилни. Но, нивната клучна предност е во тоа што имаат капацитет да пренесуваат многу повеќе податоци, со огромни брзини.
Оптичките влакна се направени од стакло и пренесуваат информации во форма на светлина, додека бакарот спроведува електрична енергија. Сигналот низ бакарните кабли исто така патува брзо, но она што ја прави оптиката неспоредливо подобра од бакарот е речиси неограничениот пропусен опсег. Оптичките влакна можат да пренесуваат многу поголеми протоци, бидејќи светлината е сигнал со многу повисока фреквенција, за разлика од бакарот кај кој електричниот сигнал се пренесува на релативно ниски фреквенции.
Друга карактеристика која ѝ дава предност на оптиката е фактот што преку оптичките влакна може да се испрати сигнал на повеќе од 200 километри без загуба на квалитетот, додека сигналите пренесувани преку бакарни кабли страдаат од сериозна деградација на квалитетот на растојанија од само неколку километри. Меѓу другото, ова се должи на фактот што оптиката е далеку помалку подложна на шум и електромагнетни пречки отколку бакарните кабли. Доколку не се правилно инсталирани, бакарните произведуваат електромагнетни струи кои можат да предизвикаат сериозни деградации на сигналот во мрежата.
Подобрувањата на технологијата за производство на оптички влакна и оптички кабли во иднина ќе овозможи сигналите да патуваат на уште поголеми растојанија пред да треба да се регенерираат. Од друга страна, подобрувањата на технологијата за пренос на оптички сигнали ќе овозможи поголеми брзини на пренос преку постојната инфраструктура на оптичките кабли. Двата фактора ќе придонесат за овозможување терабајтски брзини, за што постојат реални барања.
Во Македонија Македонски Телеком за пристапни мрежи досега има инсталирано оптички кабли во должина од 4.000 km, со што е обезбедена покриеност на 31,6% од домаќинствата, што е голем процент, во рамките на Европа. Исто така Македонски Телеком во рамките на Дојче Телеком е меѓу водечките според искористувањето на инсталираните капацитети за користење на оптичкиот интернет.