Дигитализацијата на приватниот и јавниот сектор е неопходност за да се постигне и одржи конкурентноста во денешниот поврзан и дигитализиран свет. Република Северна Македонија мора да ги следи овие промени и од аутсорсирање на кадар во ИТ индустријата да се насочи кон развој на глобално конкурентни дигитални производи! Ова се дел од заклучоците на денешната PANTHEON конференција на тема „Дигитализација 2019“ која заеднички ја организираа компанијата „Даталаб“ и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии МАСИТ.
“Најмалку 40% од компаниите ќе изумрат во следните десет години ако не размислат и не делуваат за приспособување на целата компанија и примена на новите технологии. Оваа порака мора да допре до менаџерите затоа што успехот на дигитализацијата на бизнисот зависи повеќе од човечкиот фактор и волјата на менаџерите отколку од технолошките решенија“, изјави г-н Морено Родман, генерален менаџер на “Даталаб Технологија“, компанија која подолго време има своја подружница во земјава.
Претседателката на Управниот Одбор на МАСИТ, г-ѓа Анета Пешева го потенцираше фактот дека без развиена ИТ индустрија ниту еден друг вертикален сектор во економијата не може да биде успешен: “Мора прво да направиме клима да го задржиме ИТ кадарот дома затоа што без квалитетен кадар не можеме да зборуваме за неопходната дигитална трансформација во општеството. Дигитализацијата е процес кој чини, но е инвестиција која бргу се враќа преку драстично зголемена ефикасност и профитабилност на компаниите“.
Една од темите која се отвори за време на првиот панел кој што го модерираше г-ѓа Анита Никова, извршен директор на МАСИТ беше улогата на државата во поддршка на компаниите, но и во процесот на дигитализација на јавниот сектор. Министерот Дамјан Манчевски најави дека во финална фаза е инсталацијата на електронскиот регистар на население после кој веднаш треба да се пушти во употреба и новиот национален портал на електронски услуги од каде граѓаните по електронски пат ќе може да добиваат многу услуги.
„Развојот на новите услуги не може да се одвива без поддршка од приватниот сектор. Затоа ни е важна соработката со стопанските комори и со приватните компании што даваат поддршка за нови иновативни ИТ решенија и на институциите на системот. Дигитализацијата е заеднички процес и таа не може да се случи без сите да се вклучиме во неа“, апелираше министерот Манчевски.
Учесниците се согласија дека процесот на дигитализација не е само техничко прашање за воведување на дигитални решенија за полесно одвивање на процесите, туку е прашање на свесност за придобивките од овој процес кај носителите на одлуки. Во таа насока Дарјан Раденковиќ, директор за маркетинг во Браинстер нагласи дека дигитализацијата е како држењето диета. Сите сме свесни дека тоа ни треба, но тешко носиме одлуката тој процесот да почне. “Процесот на дигитализација е долгорочен, а нашите компании сакаат брзи резултати. Многу често не им е јасно од каде да започнат со дигитализација и како да го спроведат процесот. Но, мора да кажам дека во Македонија има позитивно поместување во насока на зголемена информираност и едуцираност на менаџерите и претприемачите за дигиталната трансформација“.
Но, дигитализацијата нема да биде доволна ако домашните компании не градат стратегија да развиваат иновативни решенија конкурентни на светскиот пазар. “Погубно за економијата ќе биде ако работиме без визија и без развојна цел да произведуваме сопствени конкурентни решенија и продукти за глобален пазар. Аутсорсирањето на ИТ услуги на долг рок не е добро затоа што за десет години отсега тие компании ќе си најдат друг пазар а ние ќе останеме да каскаме. Компаниите мора да сфатат дека дигитализацијата е неопходна за да опстанат во денешниот свет“, децидно порача доцент д-р Мијалче Санта на Економскиот факултет при УКИМ.
Целта на конференцијата е да се истакнат актуелните иновации во областа на законодавството, претприемништвото и економијата, како и иновациите кои се носители на дигитализацијата практично применети во PANTHEON.
Даталаб e компанија која се занимава со развој на ЕРП деловното решение PANTHEON, како и со обука и поддршка на корисниците на истото. Составена е од тим на стручњаци од различни области со големо знаење и искуство во решавање на прашањата и проблемите, кои настануваат при употребата на модерната технологија и софтверските решениа. Од 2004 година компанијата на корпоративно ниво почна да организира PANTHEON конференции, кои досега ги имаат посетено повеќе од 5000 учесници во Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и Македонија
Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ ја претставува Македонската ИКТ индустрија и ги промовира и застапува бизнис интересите на ИКТ компаниите со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата и бизнис опкружувањето. Комората ги претставува компаниите кои работат со широк спектар на ИКТ производи и услуги во Македонија и од своето основање во 2000 година, како непрофитна и волонтерска институција, на своите компании членки им овозможува пристап до информации, едукација, правни совети, соработка, вмрежување и промоција на домашно, регионално и меѓународно ниво, се со цел унапредување и развој на ИКТ индустријата.