Сингапур усвои контроверзен закон против лажни вести, кој на властите им овозможува да им наложат на онлајн платформите, па дури и на приватните групи за четување да го избришат сето тоа што ќе се проценат дека е невистина и е против јавниот интерес.
Овој закон ќе стапи на сила во наредните неколку недели, за критичарите е сериозна закана по граѓанските слободи. Исто така, не е најасно на кој начин ќе се имплементира во некои ситуации како што е, на пример, користењето на шифрирани апликации.
Властите на Сингапур истакнуваат дека законот нема да се злоупотребува, односно да се користи против неистомислениците, туку само во случаи на невистинити тврдења за кои може да се докаже дека ќе предизвикаат штета. „Слободното истражување не би требало да биде на мета на овој закон. Целта на законот е да застане на патот на невистините, ботовите, провокаторите и лажните профили на интернт“ велат од владата.
Според законот, лицето за кое ќе се утврди дека ширело лажни вести против јавниот интерес ќе добие висока парична казна и/или затвор до пет години. За користење лажни профили или ботување со цел ширење лажни вести предвидена е казна од дури 733.700 долари и затворска казна до 10 години.
Законот ќе се применува на бројни интернет платформи – од социјални мрежи до сајтови за вести, кои исто така ќе се соочат со казни доколку не ги избришат спорните содржини или не ги исправат. Можеби еден од најпроблематичните аспекти на законот е што ќе може да се применува и на затворени приватни платформи како групите за четување, вклучувајќи и апликации на кои само примателите и испраќачите на пораките можат да ја видат нивната содржина. Тоа значи дека на удар на законот се и апликации како WhatsApp и Telegram, кои се многу популарни во Сингапур.