Македонска берза склучи ексклузивен договор за соработка со друштвото Funderbeam SEE, регистрирано во Република Хрватска. Funderbeam SEE е дел од групацијата Funderbeam Market Limited којашто нуди глобална шема за колективно финансирање. Преку воспоставената соработка помеѓу Funderbeam SEE и Maкедонска берза оваа crowdfunding платформа, преку која се поврзуваат компаниите кои сакаат да приберат финансиски средства и инвеститорите кои бараат можности за вложување во компаниите во ран развој, ќе стане полесно достапна и на македонскиот пазар.
Улогата на Берзата ќе биде од едукативно-промотивен карактер, првенствено насочена кон презентирање на Funderbeam платформата пред малите и средните претпријатија и т.н. старт-ап компании како алтернативен начин на прибирање на дополнителен капитал, со цел развој на нивните бизниси и потенцијална трансформација во друштва погодни за идна котација на Берзата.
Потенцијални корисници на оваа платформа во делот на македонските компании се исклучиво правните лица кои не се основани како акционерски друштва. Со оглед на големата важност на прашањето на развојот на малите и средни претпријатија, активностите на Берзата во овој домен добија официјална поддршка и од УСАИД Македонија, во рамки на активностите на Проектот за развој на деловниот екосистем.
Funderbeam платформата е дизајнирана на начин што нуди низа придобивки за нејзини корисници при што:
– компаниите во ран развој и растечките компании добиваат пристап до нов капитал од домашните и странските инвеститори, преку спроведување на посебни кампањи во кои ќе ги презентираат клучните информации за своето работење;
– инвеститорите се информираат за овој вид на вложувања и добиваат можност за инвестирање во компании во ран развој и растечки компании, во рамки на инвестициската структура што ја нуди платформата;
– инвеститорите преку платформата добиваат пристап и до секундарен пазар за понатамошно тргување со нивните инвестиции.
Во наредниот период, Берзата планира самостојно или заеднички со другите чинители на македонскиот стартап екосистем да организира низа промотивни настани за подетално запознавање на сите заинтересирани околу можностите што ги овозможува оваа crowdfunding платформа.