Викторија Панова и Марко Инѓилизов, второ место во Европа по финансиска писменост

- Advertisement -

Засилувањето на активностите во сферата на финансиската едукација во земјава веќе дава видливи резултати, особено кај помладата популација којашто покажува зголемен интерес за стекнување знаења од областа на финансиите. Конкретна потврда на тоа, меѓу другото, е и интересирањето на дури 3000 ученици за учество на настаните поврзани со Европскиот квиз на парите коишто беа организирани во земјава и пред сѐ огромниот успех којшто го постигнаа нашите претставници на финалето во Брисел, Викторија Панова и Марко Инѓилизов – освоеното второ место во Европа.

Ова беше истакнато на средбата, утрово, организирана во Народната банка, на која присуствуваа и министерот за финансии, Драган Тевдовски и министерот за образование, Арбер Адеми, по повод завршувањето на годинешното издание на Деновите на финансиската писменост, коешто според степенот на вклученост на граѓаните е најуспешно и најмасовно досега.

- Advertisement -

Честитајќи им за постигнатиот успех, на средбата, во име на Народната банка, гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска им даде симболични подароци на двајцата ученици од велешката гимназија „Кочо Рацин“ и на нивниот ментор Марјан Стојановски.

Основачот на Фондацијата Анѓушев и вицепремиер за економски прашања Кочо Анѓуше, пак, денеска во велешката Гимназија „Кочо Рацин“ им додели стипендии до крајот на нивното школување на гимназијалците Викторија Панова и Марко Инѓилизов, кои го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите што се одржа во Брисел.

- Advertisement -

Стипендијата од Фондацијата Анѓушев на Викторија и Марко, кои ја завршуваат првата година во СОУ „Кочо Рацин“ во Велес, им се доделува до завршувањето на средното образование. Единствен критериум да ја задржат стипендијата е да покажуваат одличен успех.

Анѓушев на денешната средба со младите ентузијасти им го честиташе постигнатиот успех и им посака да ги прошират своите амбиции за постигнување нови знаења и успеси и додаде дека неговата поддршка ќе ја имаат секогаш.

- Advertisement -

Во конкуренција на финалисти од дваесет и осум европски земји, Викторија Панова и Марко Инѓилизов, го освоија второто место на финалето на Европскиот квиз на парите. Првото место за само неколку поени повеќе го освоија претставниците на Словенија, додека третопласиран е тимот на Германија.

Сподели!
- Advertisement -