Компанијата за облека „North Face“ јавно се извини поради манипулирање на онлајн енциклопедијата Википедија со цел сликите од нивните производи да бидат многу поистакнати при пребарувањата преку Гугл.
Се работи за стратегијата на нивната маркетинг агенција, „Лео Барнет“, кои поставувале фотографии од модели кои носат облека од фирмата „North Face“ на повеќе Википедија страници од оддалечени локации интересни за планинари и авантуристи.
Агенцијата дури јавно се пофалила дека нивниот „трик“ предизвикал голем успех во видливост на платформата за пребарување, додавајќи дека тоа не ги чинело ниту цент.
„North Face“ се извини по критиките од Фондацијата Викимедија и осудата која ја добија од корисниците на социјалните мрежи.
Во видеото, во кое го објаснуваат начинот на кој ја направиле злоупотребата, маркетинг агенцијата вели дека го „хакирала“ рангирањето на пребарувачките резултати користејќи ја Википедија.
Објаснувајќи ги деталите, од компанијата велат дека сакале да профитираат од тоа што многумина пред да се решат да одат на одредено планинарско патување користеле Гугл и ги гледале најпопуларните слики на платформата од локациите кои ги пребарувале. Сликите кои се меѓу првите, најчесто се прземени од Википедија страниците.
За да го искористат овој факт, агенцијата ги заменила фотографиите на повеќе од 15 локации низ светот со фотографии на модели кои носат опрема од „North Gear“ на локациите. Меѓу местата чии страници на Википедија биле променети се наоѓале национални паркови во Бразил, полуостровот Кабо во Калифорнија, како и планинскиот масив Куилин во Шкотска.
Од Фондацијата Викимедија, која управува со Википедија, соопштија дека кампањата неетички ја манипулирала енциклопедијата.
„Она што го направиле е слично на вандализирање на јавен простор. Додавање на содржина чија единствена намера е комерцијална промоција е спротивна на нашите политики, мисија и цел на Википедија, а тоа е да обезбеди неутрални информации, базирани на факти“, стои во соопштението на Фондацијата.
(RadioMOF)