Од овој месец и кај нас започнува да се користи Европската младинска картичка со која младите ќе добијат пристап до попусти за повеќе услуги и производи, како што се одење во кино, театар, базен, но и поевтино кафе, храна или превоз…
За неа ќе може да аплицира секој кој е на возраст од 15 до 29 години. Аплицирањето се врши онлајн преку веб-страницата mladinskakarticka.mk и е целосно бесплатно. Потоа картичката ќе може да се подигне на некој од пунктовите на Агенцијата за млади и спорт кои дополнително ќе бидат поставени или да ви биде доставена поштенски до вашиот дом.
„Таа ќе има важност од 2 години и ќе може да ја користи секој кој се наоѓа во рамките на одредената возраст, без разлика дали е средношколец, студент, вработен или неактивен млад граѓанин на оваа држава. Во првата фаза таа ќе нуди само попусти, но понатака ќе работиме на тоа таа да се претвори и во платежно средство и младите да ја користат како еден вид дебитна картичка“, појаснува Дарко Каевски, директор на Агенцијата за млади и спорт.
Европската младинска картичка ќе нуди голем број на попусти за услуги и производи во повеќе од 300 објекти од областа на угостителството, културата, спорт и рекреација, едукација, туризам, превоз и малопродажба. Таа ќе ги нуди овие бенефиции низ целата држава, а крајната цел е нејзино имплементирање во странство, односно во државите од ЕУ во кои веќе се користи оваа картичка.
Проектот е на Владата, а го имплементира Агенцијата за млади и спорт. Според премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на денешната промоција на картичката во Јавна соба, придобивките од картичката се големи, бидејќи таа ќе нуди бројни попусти на разни производи и услуги ширум земјава.
„Бројот на објекти кои ќе нудат попусти постојано ќе се зголемува поради постојаната компетитивност помеѓу нив. Така се надеваме дека во наредните години списокот на фирми кои ќе се вклучат во овој проект двојно ќе се зголеми“, истакна премиерот Заев.
Услов за да се поседува оваа е картичка лицето да е на возраст од 15 до 29 години. Како што информираа од Агенцијата за млади и спорт, веќе во јули, таа ќе почне активно да се користи.
(Radio MOF)