Ако мислевте дека пластиката е проблем кој не ве засега вас и се однесува само на морската флора и фауна, се лажете. Последното истражување кое го спроведе австралискиот универзитет во Њукасл, покажа дека секој човек во текот на една недела внесува околу 2.000 парчиња микропластика во своето тело, што на месечно ниво е 21 грам, а годишно 250 грама. Уште пострашно звучи податокот дека на неделно ниво количината пластика која ја внесуваме во организмот е еднаква на тежината на едно пенкало или кредитна картичка.
Истражувањето наречено „Без пластика во природата: проценка на човечката консумација на пластика од природата“ е првата глобална анализа која користи податоци од 50 различни истражувања на тема човечка консумација на микропластика. Резултатите од истражувањето се многу битни за сфаќање на влијанието на загадувањето со пластика врз луѓето, односно ја потврдува ургентноста на преземање акција со цел намалување на ефектите врз екосистемот.
Од Светскиот фонд за природа порачаа дека ова откритие треба да ги пробуди владите и да ги поттикне на акција затоа што пластиката нема негативно влијание само врз океаните, водените текови и морскиот живот, туку и врз сите нас. Битно е да се преземат активности на глобално ниво и веднаш да почнеме да ја решаваме оваа криза. Ако не сакаме секојдневно да консумираме пластика, мора да престанеме да произведуваме милиони тони пластични производи, кои на крај завршуваат во нашата околина.
Најголем извор на пластиката која ја внесуваме во телото е водата, како флашираната така и таа од чешма, при што видливи се регионални разлики. Во САД и во Индија, на пример, има двапати повеќе пластични честички во водата отколку во Европа и во Индонезија. Некои од прехрамбените производи со најмногу пластика во себе се школките, солта и пивото. Резултатите покажуваат дека проблемот со загадувањето со пластика е универзален и директно ги засега луѓето, поради што е уште полошо тоа што владите не наоѓаат соодветни решенија за спречување на пластиката да дојде во нашиот синџир на исхрана.