12.9 C
Skopje
недела, октомври 20, 2019

Александар Стамболиев: Најдобрите идеи во Бизнис Aкцелераторот УКИМ (БАУ) ќе добијат до 100 илјади евра!

Од почетокот на годинава започна со работа Акцелераторот УКИМ, кој е сместен во Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. 6-те стартапи кои беа учесници во првата акцелераторска програма во изминатиов период интензивно работеа и на 20 јуни во 18:00 часот ќе ги презентираат технолошки заснованите бизнис идеа пред Комитетот за инвестиции на БАУ и останати потенцијални инвеститори. Во истиот термин ќе се одржи и панел дискусија, на која ќе се претстават различните можности за пристап до знаење, пазар и капитал кои се достапни во нашиот екосистемот за стартапи.

Тоа беше повод за да поразговаравме со Александар Стамболиев, извршен директор на Акцелераторот на УКИМ.

 

Г-н Стамболиев, објасните ни што претставува Акцелераторот на УКИМ?

Бизнис акцелератор УКИМ е основан за да ги идентификува, да ги поддржи и да го овозможи развојот на најнапредните технолошки стартапи, претприемачи и спиноф компании во Македонија.

Основачите на Акцелераторот УКИМ ги здружија своите комплементарни услуги и вештини се со цел да се генерираат и развиваат нова генерација технолошки стартапи и тоа:

  1. Универзитет “Св. Кирил и Методиј” во Скопје (УКИМ), чиешто реноме и акумулирано академско знаење на над 3,000 научници и мрежа на лабаратории ќе ја даде неопходната поддршка за развој на иновациите;
  2. Развојната фондација Кримсон и искуството од инвестирани над 60 милиони евра преку фондовите во Македонија, Косово и Албанија ќе придонесат за дефинирање на потребните финансиски инструменти согласно потребите на стартапот;
  3. ЦЕЕД Хаб Скопје изминативе 4 години спроведе десетина предакцелератоски и акцелераторски програми на 75 тима;
  4. РСМ Македонија им стои на располагање на нашите стартапи со неопходната административна, сметковоствена, даночна и правна поддршка, во Македониа и во 120 земји во светот;
  5. Фондацијата „Проф. д-р Димитар Стамболиев“ изминативе 25 години додели над 200 стипендии и награди на најдобрите таленти на УКИМ и од годинава фокусот на нејзиното делување е кон интензивирање на меѓународната соработка на Акцелераторот УКИМ.

Акцелерторот УКИМ ќе им овозможи на талентираните и посветените луѓе во Македонија да го изградат својот глобален бизнис преку следење на специјализирани и интензивни програми и паметни инвестиции во просперитетните стартап компании.

Поддршката вклучува предакцелераторска програма, којашто е наменета само за студентите на УКИМ и е на ниво на развој на нивните бизнис идеи. Овој семестар соработувавме со десетина професори од повеќе факултети на УКИМ, чиишти предмети го изучуваат претприемништвото, иновациитете и развојот на малите бизниси низ практична примена. Воспоставивме интензивна комуникација и соработка и ги поттикнувавме студентите во текот на студиите да се охрабрат и да го преземат ризикот и својата академска работа да ја преточат во иновација и развој на нов бизнис.

Следната услуга е акцелераторска програма, којашто започна во април. Во моментот имаме шест стартапи коишто ги подржувавме со интензивна осумнеделна програма и се надеваме дека до крајот на јуни ќе можеме да говориме и за првите инвестиции во стартапите.

Оваа година воспоставиме и соработка со Универзитетот за применети науки од Луцерн, Швајцарија, преку овозможување на директна соработка на нивните студенти на МБА студии со студентските тимови и стартапи на Акцелераторот УКИМ. Вкупно 72 студенти и 6 професори од Швајцарија интензивно работеа на унапредување на бизнис моделот на 13 македонски студентски тимови и стартапи од Акцелераторот УКИM. Во текот на една недела се сплотија вештините и знаењата на над 100 таленти од вкупно 28 земји, доминантно од Македонија и Швајцарија. Интердисциплинарноста и различните перспективи овозможија сериозен напредок на бизнис идеите на стартапите при Акцелераторот УКИМ.

Ваквата меѓународна соработка со партнерите на Акцелераторот УКИМ планираме да продолжи и во следните предакцелераторски и акцелераторски програми. На овој начин го пилотираме и го надградуваме бизнис моделот и технологијата и го истражуваме глобалниот пазар со цел да овозможиме полесен пристап за нашите стартапи.

Какви стартапи се од интерес на Акцелераторот УКИМ и колку средства стојат на располагање на компаниите и стартапите?

Повеќето акцелератори во светот се заинтересирани за технолошки напредни стартапи. Ги охрабруваме иноваторите од Македонија коишто можат да понудат решенија за глобалните проблеми да ни се обратат со цел да им ја понудиме потребната поддршка. Единствениот начин да овозможиме брз пристап до глобалниот пазар е дигиталната компонентна на македонските производи. Во моментот се наоѓаме во четвртата дигитална револуција, којашто сеуште ја вклучува физичката опрема и работната сила, но и нивна интеграција со дигиталниот свет. Тие идеи коишто ги интегрираат овие три ресурси се добредојдени да бидат дел од Акцелераторот УКИМ.

Располагаме со вкупни 530.000 евра, коишто ќе бидат инвестирани во два типа финансиски инструменти: влегување во сопственоста на компаниите согласно нивниот бизнис модел и потенцијал за развој и во вид на конвертибилен заем, којшто согласно ризичноста на компанијата повторно ќе биде конвертиран во сопственост. Првичната инвестиција може да биде до 25.000 евра и за оние стартапи што ќе ги остварат планираните цели следува дополнителна инвестиција од 75.000 евра. Значи, на располагање на една компанија имаме вкупно до 100.000 евра.

Објаснете ни како можат да се вклучат младите и студентите од земјава во вашите програми?

-Акцелераторот УКИМ двапати годишно ќе организира прадакцелераторска и акцелераторска програма, којашто го следи семестарот на УКИМ. Но, секогаш сме отворени за сите добри идеи. Слободно посетете не на техничкиот кампус на УКИМ да поразговараме за вашите бизнис идеи и согласно степенот на развој ние ќе ги адаптираме нашите услуги со цел да ви овозможиме брз раст.

Дали досега добивте некакви конкретни идеи? Може ли нешто од тоа да споделите со нас?

Имаме неколку стартапи во коишто сериозно размислуваме да инвестираме. Се надеваме дека во оваа фаза на акцелерација ќе успееме да го пилотираме нивниот бизнис модел и да ја усогласиме технологијата да одговара на потребите на пазарот, односно product/market fit и веќе во јули да зборуваме за првите инвестиции. Еден од тимовите произлегува од наставниот кадар на УКИМ и тоа особено не радува.

Другите тимови од акцелераторската програма не се директно поврзани со УКИМ. Во предакцелераторката програма имаме мешани тимови од студенти од различни факултети, што не охрабрува и ни дава поттик да имаме поинтензивна комуникација со колегите од различните членки на УКИМ се со цел да ја искористиме интердисциплинарноста и да ги идентификуваме и надградиме бизнис потенцијалите. Добро е што имаме и физички и дигитални производи и комбинација од двете.

Најнапредниот стартап всушност произлегува од УКИМ и е заснован токму на дигитални решенија, а нивниот бизнис модел се заснова на обработка на голема база на податоци, вештачка интелигенција и предвидување на следните чекори согласно податоците со коишто управуваат. Производите на нашите стартапи се поврзани со дигитални решенија, дел се од гејминг индустријата, понатаму паметно земјоделство. Останатите се поврзани со обезбедување автоматизација на одредени решенија за спречување на перење на пари, меѓусебно поврзување на различните платформи за соработка со различните клауд провајдери и паметен накит кој ќе ќе го информира корисникот за какви промени предизвикува неговата интеракција преку другите апликации достапни на неговиот мобилен телефон.

Која е вашата оценка за тоа што можеби недостасува за повеќе луѓе и повеќе млади да се одлучат да отворат сопствен бизнис? Дали е тоа недостаток на идеи, недостаток на знаење, храброст, финансии? Каде е проблемот?

Како што истакна ректорот на скопскиот универзитет, проф. Д-р Никола Јанкуловски, на свеченото отворање на соработката со Универзитетот од Луцерн, проблемот можеби најмногу лежи во фактот дека во Македонија имаме добро академско образование, меѓутоа се уште имаме проблем како да овозможиме дадената идеја да се трансформира во вистинска корист за идните клиенти. Клучното што треба да го споменам и што не прави нас различни од останатите е тоа што имаме изградени меѓународни партнерства што ни овозможуваат директен пристап до глобалните пазари и следни инвеститори и пристап до ментори, глобални и локални, коишто се практичари и специјалисти во областа. Во семејството на ментори на Акцелераторот УКИМ се приклучија и 30-ина ментори, членови на Обединетата Македонска Дијаспора, чијашто мотивација е заснована да го помогнат развојот на македонските стартапи.

Првично, тимот треба да поседува техничка специјаност за областа во којашто сака да го понуди решението. Клучот за брз развој на бизнис идеите е основачите на стартапот да бидат менторирани од специјалисти, луѓе од пракса кои веќе се соочувале со слични предизвици. Од друга страна, професорите од УКИМ кои се специјалисти во својата област се достапни да им помогнат на нашите стартапи за унапредување на нивното технолошко решение.

Една од улогите на овој акцелератор е токму тоа – да се подобри соработката меѓу универзитетите и компаниите и индустриите. Колку ваквата соработка може да придонесе за поголем развој, економски и интелектуален, во иднина во државава?

Во однос на соработката на академијата, односно универзитетите со индустријата во право сте. Таа има простор за сериозно подобрување на своите релации. Не можеме да кажеме дека тие не постојат затоа што најчесто се засноваат на индивидуална вклученост на наставно-научниот кадар во надминување на одреден проблем на компаниите. Тоа што е новитет на нашата сцена е што минатата година се основаше Центарот за трансфер на технологии и иновации-ИНОФЕИТ при УКИМ, којшто има клучна задача – како да го трансформира акдемското знаење во потребите на глобалната и локалната индустрија. Значи, примарната улога за унапредување на перформансите и дигитализација на македонската индустрија и трансфер на технологии ја има токму ИНОФЕИТ. Но, треба да се земе предвид дека академијата се движи со една брзина и ги има научните перспективи, а индустријата сака многу побрзи решенија согласно нивните проблематики. Треба двете страни да најдат една средна брзина за усогласување на двете перспективи.

Предвидено е Акцелераторот УКИМ да функционира во наредните три години. Што за вас на крајот на тие три години ќе претставува успех?

Се надеваме дека во тој период ќе можеме да поддржиме над 20 компании. Светската статистика вели дека околу 90% од компаниите умираат од различни причини: несоодветен производ, задоцнето пласирање на производот или услугата, конкуренцијата стигнала побрзо до целта… Нашата цел е барем на 10% од компаниите, значи на 1-2 компании до 2021 година да можеме да им овозможиме влез на дополнителен капитал од големите фондови за ризично инвестирање во нивната сопственост, што нам ќе ни овозможи нашиот удел да си го вратиме многукратно. Тој многукратен поврат на инвестицијата ќе овозможи да го покрие инвестирањето во останатите стартапи. На тоа е заснован и израелскиот модел. Израел е стартап-нација каде што сериозно се инвестира во многу напредни технолошки решенија и една до две од идеите прави поврат на сите останати. Тие што нема да успеат да го развијат својот производ, всушност, треба да го искористат процесот на учење кое произлегува токму од фазата на развивање на тој производ. Стекнатото знаење и вештини коишто понатаму ќе може да ги применат во нивната нова иновација. Тоа не треба да биде обесхрабрување за тие коишто нема да можат да стигнат до целта, туку напротив, ќе им овозможи во развојот на следните иновативни и дигитални решенија, многу побрзо да стигнат до целта. Така функционира целиот свет. Клучното што треба ние да им го дадеме на стартапите е да ги охрабриме дека ниеден неуспех, всушност, не е неуспех. Успех е и да осознаеш дека производот или услугата за кои што си сметал дека си ги развил добро, дека некој друг успеал да го развие подобро од тебе, па следното утро ти ќе се разбудиш и ќе понудиш нова идеја. За жал, во Македонија многу не го охрабруваме неуспехот и мислам дека ако го смениме нашиот пристап кон преземање на ризикот и понудиме посебно охрабрување за идеите, тогаш ќе можеме да поттикнеме повеќе луѓе да го преземат ризикот.

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •