Дигиталните технологии го револуционизираат начинот на кој функционира индустријата за стоки за широка потрошувачка. Според новиот извештај на истражувачката организација ИГД, во соработка со „Консумер гудс форум“ (CGF – Consumer Goods Forum), до 2023 година онлајн-продажбата на FMCG-производи ќе се зголеми за 163%, односно за 257 милијарди долари.
Извор: ИГД
Анализирајќи како компаниите ќе можат да одговорат на оваа промена и како бизнисите ќе ја користат дигиталната технологија за да станат порелевантни, извештајот истражува три дигитални малопродажни модели на иднината: етаблирани играчи, онлајн-специјалисти и нови екосистеми.
Главните пазари за е-трговија ќе продолжат да се развиваат брзо, со пораст на е-каналот за речиси четири пати повеќе од стапката на пораст на кој било друг канал. Најважните заклучоци од истражувањето се дека е-трговијата со прехранбени производи до 2023 година ќе бележи силен пораст, и тоа:
- Во Азиско-пацифичкиот Регион за 196 отсто, односно за 198 милијарди долари.
- Во Северна Америка за 152 отсто, односно за 38 милијарди долари.
- Во Европа за 66 отсто, односно за 21 милијарда долари.
Азија и Северна Америка ќе го предводат порастот, а Европа ќе го развива онлајн-каналот со релативно побавно темпо. Е-продажбата во Азиско-пацифичкиот Регион се прогнозира дека ќе се зголеми за трипати во текот на следните пет години, со тоа што нејзиниот удел во Азија (7,5%) ќе биде двојно поголем од уделот во Северна Америка (3,4%), и речиси трипати поголем од тој во Европа (2,5%).
Живееме во време на неверојатен продор на иновациите во малопродажба, што најчесто е водено од дигиталниот развој. Во ова истражување се опфатени малопродажните иновации од три различни области – етаблирани играчи, онлајн-специјалисти и нови екосистеми. Веруваме дека многу од новите развојни модели ќе напредуваат, што значи дека етаблираните трговци ќе треба да работат напорно и брзо, вели Сузан Барат, извршен директор на ИГД, и додава дека дигитализацијата веќе ја вознемири и ја трансформира FMCG-индустријата, а приказната само што почна.
Во продолжение се претставени трите дигитални малопродажни модели на иднината.
Брза еволуција
Компаниите ги трансформираат своите операции преку дигиталните технологии, со цел да ги унапредат продавниците, да ги намалат трошоците и да ја подобрат врската со потрошувачите. Предвидувањата на ИГД за брза еволуција вклучуваат:
- Стратешките партнерства со технолошките компании ќе стануваат сè поинтензивни.
- Напредната дигитална технологија ќе им помогне на физичките продавници подобро да управуваат со базата податоци, привилегија што претходно ја имаа само е-трговците.
- Комерцијалниот трговски интерфејс меѓу трговците и доставувачите ќе биде трансформиран од вештачката интелигенција.
- Најнапредните традиционални трговци ќе се диверзифицираат за да станат помалку зависни од продажбата на производи.
- Трговците со најдобро организирана база на податоци ќе победуваат на долг рок.
Е-трговија 2.0
Првиот бран на е-трговија се фрагментира во различни креативни начини на продажба и додадена вредност. Предвидувањата на ИГД за вториот бран, односно за е-трговијата 2.0 вклучуваат:
- Специјализираните е-трговци ќе се диверзифицираат и физички, без разлика дали ќе отворат сопствени продавници или ќе формираат сојузи со традиционалните трговци.
- Бизнисите D2C (Direct to Consumer, директно до купувачите) ќе станат главна сила и тие би можеле да се консолидираат преку една платформа за нарачка.
- Специјализираните трговци и пазарите ќе стануваат сè помногубројни.
- Некои логистички компании ќе се развиваат во трговска насока.
- Социјалната трговија ќе се развива глобално преку платформи што ќе се интегрираат со електронската трговија.
Екосистеми
Се развива мрежа од малопродажни и потрошувачки услуги, поврзани со логистика, финансиски услуги и со технологија. Предвидувањата на ИГД за екосистеми вклучуваат:
- Еволуцијата на екосистемите значително ќе се разликува од пазар на пазар.
- Повеќе технолошки компании ќе се развијат во екосистеми, при што поголемите технолошки бизниси ќе ги прошират своите способности и услуги.
- Екосистемите ќе интегрираат голем број етаблирани бизниси за да се доближат до купувачите и широк спектар од производи и услуги.
- Нови услуги за потрошувачите ќе бидат заменети со екосистеми (на пример, здравство, рекреација, хотели итн.).
- Централизацијата на податоците и употребата на напредна технологија значи дека екосистемите ќе имаат увид во реално време, ќе бидат персонализирани и ќе ја зголемат профитабилноста, односно ќе бидат репер за сите други малопродажни модели.
Додека порастот останува предизвик за сите играчи во индустријата, многумина сметаат дека тековното нарушување носи возбудливи можности, заклучува Питер Фридман, директор на CGF.
(Извор – www.instore.mk)