Според најновата анализа на Oxford Economics, околу 20 милиони работни места во индустријата за производство ќе бидат заменети со роботи до 2030 година. Слична ќе биде ситуацијата и во услужниот сектор како резултат на автоматизацијата. Сепак, автоматизацијата може и да поттикне создавање на нови работни места и економски раст.
Компанијата повикува на преземање акција за да се спречи појавата на уште поголема нееднаквост во приходите на луѓето. Секој нов индустриски робот ќе земе 1,6 работни места во производството, а најпогодени од ова ќе бидат регионите каде што има најмалку обучена работна сила.
Регионите каде што луѓето имаат најмалку вештини, каде што исто така има и послаба економија и повисока стапка на невработеност се поранливи и поподложни на губењето работни места во полза на роботите, велат од Oxford Economics. Освен тоа, работниците кои ќе заминат од производство веројатно ќе најдат работни места во транспорт, градежништво, одржување и канцеларискиот и административниот сектор, кои исто така се подложни на автоматизација.
Просечно, секој нов робот поставен во тие региони со недоволно обучен кадар ќе им ја одземе работата на речиси двапати повеќе луѓе во споредба со регионите каде што има обучен кадар, па ќе придонесе за уште поголема нагласеност на нееднаквоста и политичката поларизација кои веќе постојат.
Досега видовме повеќе предвидувања дека роботите ќе им ја земат работата на сите луѓе – од работници во фабрики до новинари. но овој нов извештај отвора нов аспект и потенццира дека бенефитите од автоматизацијата во производството треба да поттикнат на раст, што значи дека треба да креираат исто толку работни места колку што ќе бидат одземени.
Иако роботите ќе навлезат и во услужниот сектор, според извештајот, несомнено најпогодена ќе биде производната индустрија, особено во Кина, каде што армии работници ќе бидат заменети со машини. Предизвик за владите ширум светот ќе биде како да се поттикне иновативноста која ја ветуваат роботите и истовремено да не се создаде уште поголема поделба во општествата. Од Oxford Economics посочуваат и дека репетитивните работни активности се тие кои се во најголема опасност да ги снема. Работните места каде што се бара креативност, сочувствителност или социјална интелигенција веројатно ќе продолжат да ги вршат луѓе и во наредните децении.