„Tip of the Week“ се авторски текстови што се објавуваат секој четврток и обработуваат теми од секојдневниот живот коишто помогат да го подобрите вашето лично и професионално работење.Коментарите за совети, можете да ги пишувате на: www.facebook.com/tipoftheweekPriracnik Како сублимат на првите 100 совети издадени се единствените прирачници за личен и професионален развој.
Како комуницираме секојдневно, така има сè повеќе недоразбирања. Многу пати сме полемизирале околу оваа тема, и зошто се случуваат и како се случуваат и секогаш сме наоѓале решение, но бројот на недоразбирања е сè поголем и поголем.
Недоразбирањата најчесто се случуваат при:
- Пишана комуникација – одете само на некои од социјалните медиуми и ќе видите како двајца се расправаат (можеби и исто зборат), ама поради тоа што не знаат како да се изразат, ај што тие се караат, туку се прават и табори. Избегнувајте пишана комуникација за чувствителни теми или теми кои стануваат чувствителни!
- Неактивно слушање – не се слушаме меѓусебно и не сакаме да ја разбереме другата страна, туку сакаме да го наметнеме нашиот став!
- Трпение/Толеранција – многу ни е „мал фитилот“ и веднаш на гард ги пречекуваме луѓето околу нас, па нормално е да има недоразбирања.
- Промени – луѓето се менуваат, а ние не ги прифаќаме или не сакаме да ги прифатиме промените кај нив, па соодветно на тоа и мислиме дека останале некаде таму назад, а всушност не е така.
И додека комуникацијата е критична во секој бизнис и нашето секојдневие, недоразбирањата можат да предизвикаат поголема штета од добро кажаното, но сепак, не сакаме ниту да се потрудиме да го намалиме недоразбирањето или да го нема воопшто (мислам дека е невозможно да го нема воопшто, ама ај).
А многу е едноставно, за да го нема недоразбирањето, упатствата што ги даваме мора да бидат јасни, прецизни и со што помалку можности за дополнителни прашања, но сепак, покрај избегнување на горенаведените причини за недоразбирање, потребно е и:
- Повторување на инструкциите – повторувањето е мајка на знаење, но побарајте инструкциите што ќе ги добиете да ви бидат повторени, за да видите дали убаво сте ги разбрале или не.
- Вербална и пишана комуникација – после секоја вербална комуникација, имајте време сето тоа што сте го договориле да го запишете, споделите со сите кои се инволвирани и да добиете инструкции, дека тоа што сте се договориле и тоа што е напишано е истото!
- Потврда – доколку сте вие тој/таа што давате некакви инструкции, побарајте потврда од соговорниците дека тоа што сте го дале како инструкција е разбрано од сите, така како што вие сте го замислиле.
- Зборови – имајте на ум дека сите ние сме различни и начинот на искажување на работите и давање на инструкции треба да биде прилагоден кон тие што ве слушаат. Изберете зборови според ситуацијата и луѓето.
- Фокусирани – кога давате и примате инструкции, бидете фокусирани. Ништо нема да се промени во тој период од 5 минути, а грешките и проблемите кои можат да се случат подоцна, можат да бидат преголеми!
- Конкретни – бидете конкретни и специфични. Ако може во што помали црти и реченици да се пренесе тоа што треба, најдобро ќе биде, но бидете конкретни!
- Учете – учете од секое недоразбирање што ви се случило и гледајте да не го повторите, барем не со истиот соговорник!
Се надевам дека ќе ја разберете потребата од намалување на недоразбирањата во секојдневната комуникација и проблемите кои можат да настанат, и од денес почнете на нивно намалување!
Со успех во промените,
@kalinbabusku,
член на тимот