12.7 C
Skopje
вторник, ноември 12, 2019

Лилјана Дојчиновски, менаџер во „Нестле“ технолошкиот центар во Калифорнија: Безбедноста на храната во светот е голем предизвик!

Kabtel desktop

За контролата на храната и за безбедноста на храната на глобално ниво разговаравме со д-р Лилјана Дојчиновски, менаџер во глобалниот „Нестле“ технолошки центар лоциран во Калифорнија, САД. На истиот кампус е лоцирана и најголемата фабрика за производство на сладолед во светот

На 20 декември 2018 год., Генералното собрание на Обединетите Нации го прогласи 7 jуни за светски ден за безбедност на храната. Годинава во светот за прв пат се одбележа овој ден со цел да се афирмира глобалниот тренд консументите, производителите и владите ширум светот да се фокусираат многу повеќе на обезбедување здрава и безбедна храна! Небезбедната храна е невидлив хазард, се додека масовно не се наруши здравјето на консументите.

Кога зборуваме за безбедност на храна не се мисли само за хигиенските аспекти кои можат да предизвикаат масовни инфекции и труења, туку и на долгорочната контаминација со физичко- хемиски и други штетни материи кои преку храната се акумулираат во организмот на луѓето.

За контролата на храната и за безбедноста на храната на глобално ниво разговаравме со д-р Лилјана Дојчиновски, менаџер во глобалниот „Нестле“ технолошки центар лоциран во Калифорнија, САД. На истиот кампус е лоцирана и најголемата фабрика за производство на сладолед во светот, со околу 1.000 вработени.

Разговараше – Верица Јорданова

 

Вашата експертиза е во обезбедување на квалитетот и безбедноста на сладоледот кој се произведува во рамки на глобалниот гигант „Нестле“. Не се бројни вакви експерти во светот и посебно на Балканот во оваа област. Зошто?

Мое мислење е дека не има, но не во доволен број. Да се биде професионалец во областа на обезбедување  квалитет на храната е прилично стресна, одговорна и високо ризична работа. Тоа е служба која дава финално зелено светло пред некој прехранбен производ да отиде на пазарот. Доколку тука се направи грешка, последиците можат да бидат огромни и потенцијално масовни и не е исклучен фатален исход од консумација на небезбедна храна. Јас имав среќа да ми се укажат прилики кои ги согледав како предизвик и ги прифатив за да стекнам искуство во областа на квалитет и безбедност на храна.  Започнав од производство на свежо млеко како лабораториски аналитичар во тогашната лабораторија Млекоконтрол која служеше како приемна контрола на свежо млеко за битолската млекара, потоа работев контрола на производители на суровини во Србија и производството на финални производи во Србија и САД, а сега работам на воспоставување безбедносни критериуми во самиот развој на новите производи во истражувачкиот центар на Нестле. Има и еден клучен сегмент кој јас го проучував детално, а тоа е разбирањето и почитувањето на “гласот” на потрошувачите како регионален менаџер за Адриатик регионот, а денес истото тоа детално го следам во САД.

Мојата целокупна работа се базира на “превентивата” како базичен и основен принцип усвоен од време на студирањето на ветеринарните науки со кој секогаш се раководам кога и да се појави проблем. Додека не ги пронајдете главните “основни” причинители на “дефектот” што интернационалниот стандард за квалитет го дефинира како “неусогласеност” или отстапување на производот од спецификацијата (дефинирана норма/стандард), тоа несомнено ќе произведе нови дефекти и рекламации од страна на потрошувачите затоа што причинителот не е трајно елиминиран. Секогаш превенција наспроти реакција е моја премиса.

На глобално ниво светот се соочува со евидентни проблеми кои ја допираат исхраната на различни начини, од аспект недостаток на храна односно хроничен глад во одредени земји, преку мегапроизводство на ГМО храна, до контролни системи на државите во кои се води прецизно строга грижа за тоа каква храна се произведува и консумира. Како гледате на ова шаренило во светот, од немање на храна до страв од тоа што се јаде? 

Секој регион и секоја земја се бори со различни предизвици. Предноста денес е што сме многу добро информирани и што можеме брзо да делуваме и да се помагаме меѓусебно на глобално ниво преку воспоставениот предупредувачки систем за дојава. Токму тоа е и улогата на Светската здравствена организација, да предупредува доколку настанат некои глобални закани.

Пред да заминете во САД, работевте во Белград како регионален менаџер на Нестле-Адриатик регионот во кој припаѓаше Хрватска, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија, Црна Гора, Косово и Македонија. На кое ниво по однос на примена на законите за безбедност на храна е регионот на Балканот и каде тука ја лоцирате состојбата во Македонија? 

Мој став е дека земјите во Адриатик регионот имаат прилично солидни законски норми, вклучително и Македонија. Овие норми се базирани врз согледаните ризици присутни во овој регион, па во таа насока и законските критериуми се поригорозни во споредба со другите европски земји.

 

Едно од најчесто поставуваните прашања е дали денес светот јаде безбедна храна и колку таа се контролира во Македонија. Кои се Вашите сознанија? 

Мислам дека е направен огромен напредок на полето на безбедноста на храната, особено денес кога информацијата патува додека “трепнеш со око”. Денес, споредено со минатото, јавноста се известува преку сите канали за комуникација за согледаните проблеми и привидно се чини дека има повеќе инциденти од порано. Од друга страна, таа транспарентност гради доверба кај потрошувачите како и значително унапредените безбедносни мерки на превенција и рано детектирање на проблемите уште кај производителите.

Постои ли разлика во стандардите за безбедност на храна помеѓу Европа и САД по прашање на ГМО храната?

GMO е сеуште нецелосно истражено поле и не можам со сигурност да кажам кои се разликите. Она што го знам е дека законските норми за ГМО прв пат се етаблираа во Белгија и оттаму се користат во САД. Тука во САД, а и во голем дел од светот ГМО храната не е забранета за продажба, но производителите имаат обврска истата да ја декларираат како ГМО на својата етикета.

Што се треба да биде означено на декларацијата на прехранбените производи?

Секоја земја има свои законски норми што се треба да биде декларирано на производот. Во денешно време е фасцинантно да се види како компaниите се трудат да му се приближат на консументот, особено на таканаречените милениумските потрошувачи, преку давање детални информации како на пример потекло на суровините, дали се природни, дали амбалажата е еколошки безбедна, дали таа се разградува со време или декомпостора итн.  Транспарентната амбалажа е посебно фаворизирана заради тоа што може да се види производот пред да се купи.

Која е иднината кога станува збор за храна и нејзина безбедност?

Има трендови кои ги следиме: примена на вештачката интелигенција, минимизирање на жива работна сила во високо ризични процеси на производство, аналитички тестирања во реално време за намaлување на грешки и брзо “ослободување” на производите, а со тоа и достапност до потрошувачите. Загадувачите остануваат голема закана. Долгогодишното акумулирање на хемиски препарати на полињата за производство на храна и паразитите присутни во свежите  прехранбени производи претставуваат голем безбедносен предизвик и на нив се става се поголем фокус во светски рамки.

По вокација сте доктор на ветеринарни науки, а претходно специјализиравте клиничка фармакологија и токсикологија. Со титулата доктор на науки се стекнавте во областа на микробилогија на храната. Дали уште од почеток сакавте да се занимавате со апликација на науката во пракса со ваш професионален ангажман или себеси повеќе се гледавте како факултетски кадар  во државата?

Моето размислување после завршувањето на ветеринарните студии, па еве и денес е  е дека ако сакате да бидете квалитетен едукатор, потребно е да имате практично искуство во полето во кое градите експертиза. Практичната работа неодминливо ќе ве натера да се соочите со различни реални предизвици кои дополнително ќе ве искалат и дефинираат како стручно лице. Но, без лична желба и љубов  тоа искуство и знаење да го пренесете на другите или да го преточите во напишано стручно дело, тоа ќе остане безвредно, односно ќе остане само ваше лично скапоцено несподелено богатсво.

Зошто погоре го употребив зборот “љубов”? Сум била сведок кога луѓето имаат природен нагон да не сакаат да го споделат своето знаење плашејќи се дека ќе ја изгубат својата тешко стекната позиција. Тоа сум го гледала на различни хиерархиски организациони нивоа. Јас сега после повеќе од 15 интензивни години секојдневно се обудивам она што го научив да го пренесам на другите кои соработуваат диркетно, а и индиректно со мене. Во досегашната кариера успеав да позиционирам директни и индиректни соработници преку мое менторство да бидат промовирани на значајни работни позиции и тука во Америка, а претходно на Балканот додека работев за Адриатик групацијата. Своето знаење го пренесувам секојдневно како експерт на глобално ниво, кое пак резултира со значајни резултати во областа на квалитетот и безбедноста на храната. Јас се раководам по принципот да покажувам преку пример и се занимавам со едукација која се базира на примена на превентивните безбедносни системи кои на крај резултираат со безбеден производ за нашите потрошувачи.

 

 

Сподели!
  •  
  •  

НАЈПОПУЛАРНИ

Сподели!
  •  
  •