Интервју со Ѓорѓи Рафајловски, оперативен директор на SEEUTechPark, првиот технолошки парк во Македонија. Разговараме за состојбите на македонската иновациска и стартап сцена и за новините кои наскоро ќе ги воведе овој технолошки парк кој силно се позизионира како институција-поддржувач на претприемништвто во земјава!
Разговараше- Верица Јорданова
За почеток, кажете ни подетално што работи SEEUTechPark и каква поддршка дава на стартап-компаниите?
SEEUTechPark како технолошки парк има мисија да креира и поддржува иновативни технолошки старт-ап компании, и воедно да ги помага т.н. скејл-ап компании во нивниот динамичен раст и развој – надвор од земјата. Ова го правиме преку однапред структуирани и индувидуални програми кои се специјало прилагодени на потребите на секоја компанија одделно.
Нашата долгорочна визија е да ја интензивираме соработката помеѓу академската и бизнис средината, потпомогнати од централните или локални власти, за која веруваме дека на долг рок ќе ја поттикне општата иновативност во Македонија.
За оваа есен најавивте дека технолошкиот парк ќе стартува и финансиска програма. Може ли за читателите на Иновативност да откриете повеќе детали за ова?
Да, еве за прв пат ексклузивно за читателите на „Иновативност“ може да најавиме дека набрзо ќе започнеме и финансиско помагање на стартапи за кои веруваме дека имаат потенцијал да прераснат во успешни приказни.
За мене лично, ова е природен тек на развојот на услугите кои ги нудиме, а воедно беше и една од најчестите барања на нашите клиенти и соработници: Дали можеме, и дали треба да инвестираме во стратап компании? По долги анализи во консултации со Универзитетот на ЈИЕ, ја отпочнавме постапката за регистрација на посебна фондација, која ќе има мисија финансиски да ги поддржи компаниите за кои ќе одлучиме дека имаат добар потенцијал.
Веруваме дека со комбинација со постоечките услуги на SEEUTechPark како што се: вреднувањето на стартапите, помошта во заштита на интелектуалната сопственост, како и постоечката инфраструктура, можеме значително да им помогнеме на стартап компаниите кои имаат големи амбиции. Од друга страна, отворени сме за комбинирање на искуства и знаења со партнерските организации и институции, како и за можностите за ко-инвестирање.
На кој начин и колку компании поддржувате во моментов во SEEUTechPark?
Во моментов во технолошкиот парк поддржуваме 12 компании, кои што се физички лоцирани на кампусот на УЈИЕ. Овие компании ја имаат на располагање целосната инфраструктура и на Универзитетот, и на ТекПаркот. Поддршката вклучува канцелариски простории, сали за состаноци, оптички интернет, менторски програми, консултации, обуки, вмрежувања, пристап до финансии и многу други услуги по потреба на клиентите. Овие 12 компании на некој начин имаат ексклузивна соработка со нас и Универзитетот.
Од друга страна го имаме „TEC Club“-от, кој претставува клуб на технолошки стратапи и е отворен за сите, без никакви договорни обврски. Тоа значи дека секој стартап може да стане член, без физички да биде лоциран во технолошкиот парк, и да ги користи оние услуги кои ги сака, кога ги сака, под комерцијални, односно пазарни услови. Моментално, во овој клуб имаме 24 активни членки.
Со оглед на Вашето богато искуство на македонската бизнис сцена, може ли да дадете Ваше мислење кои се клучните предизвици со кои се соочуваат претриемачите во земјава? Се чувствува ли зголемување на бизнис иницијативите во земјава?
Ако се обидам да направам една мала ретроспектива на претприемничката сцена во која сум активно вклучен веќе 12 години, секако дека гледајќи ја големата слика, има огромни промени на тоа кои беа клучните предизвици тогаш и сега.
На пример, пред десетина години главни пречки за стартапите беа: пристап до финансии, експертска поддршка и релативно долги и комплицирани правни процедури за регистрирање на компанија. Исто така, перцепцијата за започнување и водење сопствен бизнис беше многу неохрабрувачка, како и севкупната подршка која, можам слободно да кажам – доаѓаше од 2 или 3 организации во Македонија кои активно и реално работеа на терен со стартапите и нивните потешкотии.
Затоа пак денес, целокупниот старт-ап екосистем несомнено еволуираше во повеќе организации и бизниси кои ги поддржуваат ваквите иницијативи, дури и специјално дизајнирани владини фондови, програми на странски донатори и локални иницијативи. Исто така, сега имаме поголем пристап до финансиски извори, технологија, мобилност на таленти, но и зголемен пристап до ризичен капитал одошто во било кој миг во минатото. Она што се чини дека се најголеми тековни предизвици за претприемачите, спаѓаат во доменот на: продажбата и освојувањето на нови пазари, оперативниот менаџмент и финансиската писменост, како и вештините на преговарање.
Кога би сумирал, денес дефинитивно има зголемување на деловните можности, и тоа е неминовен процес. Во иднина ќе гледаме се повеќе приватни иницијативи, а се помали т.н. „државни интервенции“, што секако е добро за пазарот и неговиот оддржлив и квалитетен развој.
Неодамна бевте дел од тимот составен од повеќе релевантни институции, поддржани од Проектот за развој на деловниот еко-систем поддржан од УСАИД, кои беа во студиска посета на Израел. Се запознавте со израелската стартап и иновациска сцена. Кои беа клучните лекции кои ги научивте од ова посета и што од наученото ќе го примените во работата на SEEUTechPark?
Морам да признаам дека моето прво патување во Израел, остави многу длабоки импресии и делуваше како своевиден позитивен шок! Изралеската лекција всушност не научи како една релативно мала земја, се сплотува околу идејата дека микро-иновациите и технолошкиот развој можат да доведат до огромен прогрес во сите пори на општеството, доколку правилно се согледаат и користат… Дури и кога има малку ресурси кои се на располагање, и се наоѓате во едно нестабилно гео-политичко опкружување.
Иако сите знаеме дека, она што постои во Израел тешко можеме да го реплицираме тука, а тоа е уникатната култура, воен рок со едукациски и технолошки предзнак, и силни истражувачки универзитети, всушност Израел е успешна приказна за едно општество во кое секој се фокусира на микро-иновации во неговиот личен животен простор. Па така, ако сите по малку иновираат, и постои меѓусебна соработка помеѓу секторите, тогаш се креира цела нација на иноватори, со апликативна примена во сите сфери на општеството.
Она што ние во SEEUTechPark можеме, и ќе се обидеме да го примениме тука на подолг рок, е поголемата посветеност на применливите академски истражувања, механизми за подобро управување со правата од интелектуална сопственост и финансирање на идеи базирани врз универзитетски истражувања.
Според вас, кои се 5-те најважни работи кои што еден стартап треба да ги знае?
Не посотои т.н. „златна формула“ на правила во бизнисот, а уште помалку во стартап светот, која едноставно може да ја следиме и да се надеваме на деловен успех. Ќе се обидам да ги издвојам 5-те работи за кои сметам дека секој стартап треба да посвети соодветно време и ресурси:
Усовршувајте се во презентирање, преговарање, јавни настапи, „pitching“, „story-telling“, и се она што може да ви послужи во кариерата – иако може да звучи како клише, вистинските професионални се разликуваат од просечните стартапи, токму по ваквите финеси, кои што во одреден момент знаат да бидат и одлучувачки.
Дознајте кои се вашите клучни финансиски, оперативни, човечки или клиентски индикатори/метрики – се што правите на долг рок, ќе се одразува врз некои 5-6 клучни мерни индикатори кои постепено треба да се подобруваат. Останете фокусирани на нив.
Одвојте доволно време за интелектуалната сопственост – научете да ги препознавате можните придобивки кои доколку правилно ги менаџирате, ќе ви донесат дополнителна вредност. ИС не се само патентите, и не сите процеси за заштита се скапи. Инвеститорите ќе ви бидат благонаклонети доколку знаете правилно да ја менаџирате ИС, за она што ќе ви е значајно за вашиот бизнис.
Научете да бидете добар продавач – единствено продажбата во бизнисот носи профит, се друго е само трошок. Не дозволувајте најважниот процес во вашиот бизнис да го води некој со мало искуство или несоодветни вештини.
Учете да ги читате финансиските извештаи, биланси, предвидувања и финансиските клучни индикатори – никој нема да очекува од вас да станете финансиски експерт, но како претприемач мора да ги препознавате и да управувате со финансиските процеси во вашиот стартап. Сметководтсвото е само евиденција, планирањето на финансиите е суштинско.
Идните планови на SEEUTechPark?
Како дел од иновациските новини, сакам да наведам дека во план е воспоставување на модерен „Tech Accelerator 2.0“ кој треба да биде компатибилен и да служи како надградба на веќе постоечките услуги и планираниот инвестициски фонд. Постојат иницијативи за специјализирана поврзаност на акцелераторот со „блокчејн“ технологијата, за што сеуште сме во почетна фаза на преговори со странски партнери, но токму тука го гледаме одличниот потенцијал кој го има Македонија.
Исто така, креиравме предлог-проект за „Fab-lab / Maker’s Space“, за кој веќе Универзитетот има подготвено адекватни простории, и пројавен интерес од инвеститори од САД, а кој треба да биде пионерски проект за изработка на хардверски компоненти, прототипови и уникатни елементи за индустриска примена. Би сакале истиот да е отворен и пристапен до сите компании од целата држава.
Со исто темпо ќе продолжиме со континуираните активности во полињата во кои и досега бевме активни, и сакаме да останеме отворени за соработка со сите чинители на стартап еко-системот во земјата и од регионот, со кои имаме заедничка мисија и слични цели.
Работиме во насока да им оставиме подобри можности на следните генерации на претприемачи.