Од секоја резервација на booking.com да се засади дрво, е уникатна идеја на кој младиот инженер Михаил Стевчев кој реши да даде свој придонес во борбата со климатските промени. Неговиот концепт Treebanks функционира од почетокот на годинава, а досега обезбедил речиси 500 дрвја, кои се засадени на неколку локации во земјава. Своето искуство во старт-ап компании го искомбинирал со заењето на татко му Митко, кој е агроном и на братот Невен, кој е лекар и оформил иновативен концепт, што може да функционира насекаде во светот, со голем број партнери.
За Иновативност, Михаил објаснува како функционира Treebanks, и како преку него, секој може да придонесе за подобрување на условите во кои живееме.
Разговараше – Сања Наумовска
Г-дин Стевчев, објаснете ни го концептот Treebanks, од каде потекнува, колку време постои и кои се резултатите кои сакате да ги постигнете?
Накратко, концептот значи „вие го резервирате вашето патување, а ние садиме дрво“. Treebanks е едноставен, но многу моќен концепт. Со секоја резервација која што ќе биде направена преку нашите партнери низ целиот свет, како што е на пример Booking.com, се придонесува за садење на едно дрво во нашата држава. Тоа, секој што ќе одлучи да резервира патување на овој начин нема да го чини ништо финансиски, но од друга страна ќе придонесе за поздрава и почиста животна околина и со само еден клик ќе помогне во борбата против глобалното затоплување.
Минатата, 2018 година ќе остане запаметена по највисоките вредности на CO2 измерени во атмосферата. Инволвираноста на голем број светски познати претприемачи во борбата против глобалното затоплување ме инспирираше да размислувам како можам и јас да придонесам. Во последните неколку години на различни начини дојдов во допир со индустријата за туристички патувања. Во октомври 2018 со LiveMusicTravel (компанија во која сум инволвиран) имав можност да учествувам на Soft Landing Berlin. Ова учество ми отвори нови хоризонти, дојдов во допир до креативни начини како да се искористи филијален маркетинг за поддршка на одредена кауза. Ова беше последното делче од сложувалката за тоа како ние од Македонија можеме да влијаеме против глобалното затоплување. Конечно го имавме третиот дел од приказната, како да го искомбинираме моето знаење со стартап компании и знаењето на мојот татко Митко Стевчев, во садење дрвја.
Каква всушност е постапката на резервација, што е тоа што треба да ги привлече клиентите?
Постапката е едноставна. Секој што има потреба да направи резервација, а при тоа и сака да допринесе во оваа благородна мисија, треба да го отвори сајтот на Treebanks и да кликне на логото нa Booking.com. Со тоа автоматски се пренасочува на сајтот Booking.com и продолжува со резервацијата на ист начин како и вообичаено. Единствената разлика е што следниот ден бројчаникот на дрвца што треба да се засадат оди нагоре.
Едноставно, тоа значи дека доколку една резервација започне од Treebanks клиентот обезбедува засадување на дрво, а садницата е обезбеденa од процентот што Booking.com го дава на Treebanks заради филијалното партнерство. Овој концепт не бара ниту вложување финансии од клиентот, ниту дополнително време или напор, само добра намера и желба да се придонесе во борбата со климатските промени. Знаеме дека температурите на планетата Земја константно растат, ни се случуваат поплави заради деградираните шуми, а Treebanks нуди можност само со еден клик секој да учествува во заштитата на нашата околина.
Колку дрвја се засадени досега кај нас и каде?
Преку Treebanks досега се засадени 473 дрвја, од кои 73 се донирани во ЗОО Скопје, а 400 на претходно опожарена локација во с. Подареш, Радовиш. Од првата акција има уште 27 дрвца што планираме да ги засадиме во Охрид на крајот од кампањата „Резервирај преку Treebanks и добиј викенд за двајца во Су хотел- Охрид“. Секоја акција за садење е документирана преку блог пост, a прогресот може да се следи на веб страницата на Treebanks. Локацијата за првата акција за пошумување беше одбрана во координација со Македонски шуми – Радовиш. Отворени сме за соработка за изборот на локации за пошумување, а организации кои се занимаваат со пошумување слободно можат да не контактираат да направиме заедничка акција за садење. Покрај тоа на секоја акција држиме и кратка информативна презентација за придобивките и за правилно садење дрвја.
[quote]Преку Treebanks досега се засадени 473 дрвја, од кои 73 се донирани во ЗОО Скопје, а 400 на претходно опожарена локација во с. Подареш, Радовиш[/quote]
Колку филијални партнери има Treebanks во моментов?
Моментално имаме филијаlно партнерство со Booking.com, Agoda и Кiwi.com. Активно работиме да го прошириме изборот на партнери преку кои нашите корисници можат да „засадат“ дрво. Најголем акцент е ставено на остварување на партнерство со Airbnb, потоа ќе следат Hostelworld, SkyScanner и др.
Во колку држави функционира Treebanks?
Treebanks e достапен во целиот свет, без разлика што почнавме во Македонија. Досега 30 отсто од дрвјата доаѓаат од резервации на корисници надвор од Македонија, на пример, од Швајцарија, Португалија, Италија… Она што е важно за македонските граѓани е тоа дека дрвјата обезбедени на овој начин ќе бидат засадени во Македонија.
Treebanks влезе во десетте финалисти за “Social impact award“, кажете ни нешто повеќе за тоа?
„Social impact award“ е доста интересен концепт. Нуди можност да се валидира издржливоста на една идеја доколку е во ран развој. Ваквата повратна информација е битна во развојот, а влезот во десетте финалисти отвара нови можности. Моментално го усовршуваме нашиот бизнис план со помош од ментор доделен од „Social impact award“, ова зајакнување ни помага што побрзо да стигнеме до самоодржливост на Treebаnks. Нашето учество на „Together for impact“ како финалист, ни овозможи да се вмрежиме со луѓе и компании кои делуваат во иста сфера. Настрана од тоа, добивме повратна информација и насоки како да продолжиме понатаму.
Кои се вашите планови за иднина?
Во изминатиов период Нина Симовска до Just because изработи илустрација за маичка со цел да ја подржи нашата иницијатива. Сега тестираме дали садењето дрво е доволна мотивација за корисниците да купат маичка од Treebanks, што би бил дополнителен канал за обезбедување средства за садење дрвја.
Во тек е и развој на концепт за партнерства со компании кои често резервираат службени патувања. Со партнерство со Treebanks секој партнер добива можност да допринесе дел во борбата против глобалното затоплување. Секоја компанија би имала посебен бројач на засадени дрвја, количината на кислород која ја имаат произведено дрвјата. На еден начин да се пофалат со тоа што го имаат постигнато до сега. Ваквото партнерство им нуди уште еден начин на компаниите, без финансиски вложувања, да бидат социјално одговорни и да го намалат сопствениот CO2 oтпечаток. Во блиска иднина ќе има и слични кампањи на сегашната во која награда е викенд за двајца во Охрид и „Засади дрво од плажа“. Сакаме да бидеме присутни во етерот за да мотивираме што е можно поголем број на луѓе да „засадат“ дрво преку Treebanks.
Целта на Bank of trees, нашата компанија која стои зад концептот, e да стигнеме до 500 засадени дрвја месечно, за кои ќе организира акција за садење секој месец. На долгорочен план сакаме да го зголемиме тимот со шумарски инжинер и да правиме директно производство на садници и креирање на стратегии за садење. Во моментов, во тимот на Bank of trees, освен мене, се и Митко Стевчев, агроном инженер со долгогодишно искуство во екологија, еден од пионерите во Македонија за произвдство на компост од калифорниски црви и производител на садници за брзорастечки дрвја и Невен Стевчев, доктор по општа медициа, задолжен е за организација на акциите за садење.
Визијата е Treebanks да прерасне во интернационален проект. Сакаме да засадиме милион дрвја во Македонија, да го документираме процесот и да изработиме рамка која може да биде имплементирана на друга локација.