Сликата од поларната мечка која плови на санта мраз е најпознатиот постер за климатската криза, но топењето на француските Алпи можеби е последното големо предупредување. На 28 јуни годинава алпинистот Браја Местре забележал страшна глетка при искачувањето на овој планински масив. Видел дека се формирало езеро поради топењето на Алпите, но страшното е тоа што езерото се формирало за период од десетина дена и тоа на Мон Блан, кој е највисокиот врв на Алпите.
Местре ја споделил фотографијата од пред и потоа на место на езерото и коментирал дека топењето на снегот се случило поради екстремните температури кои ги погодија јужна Европа и Алпите од 40 до 50 степени Целзиусови. Тој коментира дека ова е прв пат да посведочи на ваков настан. Според весникот New York Times, во Франција никогаш немало повисока температура од 45 степени Целзиусови.
Местре изјави дека не е научник, но очигледно е дека ова е директен резултат од топлотниот бран во Европа. Според него, црната карпа на масивот делувала како вистинска соларна печка и стопила се што било блиску до неа. На фотографијата која ја направил десет дена претходно може да се види дека истиот тој дел каде што било езерото е покриен со снег.
„За да ви стане јасно колку е сериозна ситуацијата ќе ви кажам дека пред само две недели го имавме најголемиот топлотен бран во Франција во историјата. Пред два дена, пак, наврна снег на висина над 2.700 метри. Сега се замрзна и пак е во нормала, но очекуваме уште еден топлотен бран набрзо. Веројатно пак се ќе се стопи. Ова е постојан проблем сега“ вели Местре.
Не само што топењето на мразот и снегот е показател за опасноста на климатските промени, туку е опасно за алпинистите. „Проблемот со течната вода на глечерите е тоа што ако продре под мразот и се акумулира, ќе го забрза процесот на топење, ќе генерира повеќе течност и во даден момент ќе мора да избие од некаде“ објаснува Местре.