Општина Велес ја разгледува можноста за издавање општинска обврзница

- Advertisement -

Здружението на финансиски работници на Велес изработи физибилити студија за издавање на општинска обврзница и за придобивките од неа, врз чија основа Општина Велес ќе ги разгледува сите можности и оправданоста за издавање на општинската обврзница.

Таа е изработена во рамки на проектот „Унапредување на општинското владеење“, финансиран од ЕУ, а имплементиран од Програмата за развој на Обединетите Нации УНДП во соработка со Министерствата за локална самоуправа и за финансии.

- Advertisement -

Како што информира Општина Велес, претставници на Здружението на финансиски работници и на УНДП, вчера се сретнале со градоначалникот Аце Коцевски и разговарале за можноста за имплементација на овој проект односно во него да се вклучи Општината.

Елизабета Јовчевска од службите на Општина Велес, за МИА информира дека тие разговарале и за постапката за издавање на општинската обврзница, како и за придобивките од издавање на истата.

- Advertisement -

Како што појаснуваат од Општината, за да се одлучат да издадат ваква општинска обврзница прво е потребно да се утврди проект, потоа да се утврди вредноста на обврзниците и да се издаде јавен повик за заинтересираност за нив. На крајот од постапката, ако има интерес, тогаш општината да ги издаде.

Велес, заедно со општините Куманово, Гостивар, Кисела Вода и Струмица е еден од првите пет пилот општини каде е презентиран овој проект.

Сподели!
- Advertisement -