Дејан Спасовиќ и неговото семејство пред девет години одлучиле градскиот живот да го заменат со мирот на селото. Купиле напуштена куќа во која живеат веќе три години, а својот дом го отвориле и за сите кои сакаат да ја откријат природата и да уживаат во креативноста на отворено. Тука го оформиле „Ракатрак“, како центар за стекнување заборавени вештини, кои ги помниме само преку нашите баби и дедовци
Пишува: Сања Наумовска
Да се подготви леб, да се сошие облека, да се ракува со алат, дури и да се изгради огниште или цела куќа. Тоа се вештините кои возрасните и децата можат да ги учат во едукативниот центар „Ракатрак“ во селото Чучер, крај Скопје. Сопственикот, Дејан Спасовиќ и неговото семејство пред девет години одлучиле градскиот живот да го заменат со мирот на селото. Купиле напуштена куќа во која живеат веќе три години, а својот дом го отвориле и за сите кои сакаат да ја откријат природата и да уживаат во креативноста на отворено. Тука го оформиле „Ракатрак“, како центар за стекнување заборавени вештини, кои ги помниме само преку нашите баби и дедовци.
Модерното време во кое живееме, вели Дејан, намерно или не, поттикнува огромен дел од луѓето денес да бидат консумеристи, потрошувачи кои го бираат најлесниот начин да дојдат до тоа што им треба, односно да купат производи од маркет, произведени од фабрики за масовно производство. Лесниот начин на кој доаѓаме до стварите не мотивира постојано да купуваме, најчесто работи кои не ни се потребни. По извесно време, многу често и без да ги употребиме, ги фрламе, па купуваме нови. Со тоа создаваме огромни количини отпад, ја загадуваме планетата, а нашиот еколошки отпечаток наместо да се намалува, се зголемува.
Целта на Дејан и на неговиот центар е луѓето да станат свесни кои се и колкави се нивните вистински потреби и да живеат согласно со нив, што поблиску до природата.
„Кога почнуваше приказната на ‘Ракатрак’ ние всушност увидовме дека во нашата околина нема место каде што децата би се играле во природна игротека, каде што нема да бидат затворени и опкружени со пластика, туку ќе бидат надвор, во природа, меѓу дрвја и цвеќе. Така започнавме да организираме различни активности за нив, како и за возрасните, на кои исто така им треба повеќе време подалеку од електронските уреди, во природа и на чист воздух“, вели Дејан.
Посочува дека едукативниот центар е школа за животни вештини за децата, за изучување на сите оние способности кои ги поседувале нашите претци, а ние сме ги запоставиле и заборавиле. Тука тие можат да научат да подготват храна, да скројат и сошијат облека, да направат некои предмети за домаќинството, мебел, машини или, пак цела куќа од материјали од природата. Последниве две години веќе се реализирани неколку работилници за природно градителство, за изработка на печка за црна керамика, која е многу традиционална за нашето поднебје, за готвење и слично. Десетина настани биле организирани и за деца, кои учеле изработка на играчки од природни материјали, фигури од глина, имале авантури во природа, барале богатства низ селото….
Дејан, кој е уметник, музичар и градител со природни материјали вели дека само еден од бенефитите од живеењето во Чучер, во куќа направена од природни материјали е тоа што, летово иако температурите се високи, не им е потребен уред за разладување.
„Идејата на ‘Ракатрак’ е да им објасниме на децата и на возрасните дека природата им е доволна и дека се што им треба можат самите да си го направат од природни материјали. Ние го пренесуваме традиционалното знаење, мудроста на нашите претци. Тие немале електрична енергија, софистициран алат или интернет, па сепак граделе прекрасни работи. Во последните години луѓето стануваат еколошки освестени и им се враќаат на природните материјали. Голем дел од нив сакаат домот да им е направен од нив, но не знаат како да ги употребат. Тоа може да го научат во нашата Академија за природно градителство и уметност на домување. Тука може да ги научат сите стари занаети кои се во функција на задоволување на секојдневните потреби на човекот, без притоа да се нарушува одржливото живеење“, посочува Дејан.
„Ракатрак“ е еден од трите победници на финалето на македонскиот натпревар за зелени бизнис идеи организиран од здружението за социјални иновации „АРНО“ кој се претстави на регионалниот натпревар во конкуренција со националните победници од Албанија, Босна и Херцеговина, Грција, Косово, Србија и Црна Гора .
За иден развој на центарот потребни им се дополнителни средства за да ги подобрат условите за едукација, да ангажираат луѓе со различни знаења и вештини и кои сакаат да ги споделат со нивните посетители, a центарот да стане точка каде скопјaни ќе имаат прибежиште во природа, каде што ќе може и да се забавуваат и да учат.