Истражувачи од групацијата Селена од Полска веруваат дека во автоиндустријата наголемо може да се намали емисијата на јаглерод диоксид ако наместо пластика се користат природни материјали, односно биопластика. Според бројни научни истражувања, индустријата за автомобили е голем виновник за зголемувањето на емисијата на овој енормно штетен гас. Освен тоа, научниците велат дека во процесот на производство на нов автомобил се испушта повеќе СО2 во атмосферата отколку што може да испушти едно возило во текот на целиот свој животен век.
Полските истражувачи го стартуваа проектот Biomotive, за кој од ЕУ добија 15 милиони евра. Основната идеја е со користење на растителни извори, односно оние билки кои не се користат во исхраната, да се прават контролни табли, делови од ентериеroт и други компоненти на автомобилите за кои вообичаено се користи пластика.
Тие развија технологија која користи хемиски соединенија од билките за синтетизирање на полимери во лабораториски услови и сака да ја пренесе на индустриско ниво, односно во производството на автомобили.
Нивната биопластика може да се загрева, да се става во калапи или во 3Д принтери, како и секоја конвенционална пластика. До крајот на годината Селена ќе стартува мала демонстративна фабрика во која ќе се произведуваат разни компоненти за автомобили, а една од целите е тој процес да биде eкономски исплатлив, затоа што досега биле прескапи за индустриска примена.