Тринаесетгодишниот Дејан Лукиќ, ученик во осмо одделение во основното училиште „Свети Сава“ во Босански Брод, направи наносателит кој го прифати НАСА. Уште како петгодишно дете Дејан самостојно работел на компјутер, а љубовта кон науката ја научил од својот дедо, електроинженерот Миленко Ждрња.
„Станува збор за сателит за комуникација, односно сателит за Интернет и мобилен пренос на податоци правен според CAT системот. Сателитот може да обезбеди брзина на конекција од 230 до 600 GB/s според најновите калкулации. Идејата за ваков сателит ја имам уште од 2016 година, но тогаш не знаев дека постои програмата NASA Launch initiative. Дури годинава дознав дека НАСА на младите им овозможува лансирање на нивните наносателити“, објаснува Дејан.
Тој откако дознал за иницијативата, го нашол конкурсот на НАСА и се пријавил, а не кажал никому. Меѓу 705 ученици од целиот свет била прифатена идејата на Дејан и така станал најмладиот учесник на кој му е одобрен проект за наносателит. „Моментално работам на софтверот за сателитот. Проектот мора да се комплетира до 2020 година, а лансирањето ќе биде најверојатно на 25 мај 2020 година. Сателитот се вика OberonSAT A1 по една месечина на Уран”, додава тинејџерот.
Изработката на сателитот ќе чини околу 10.000 евра, а НАСА ја плаќа само дозволата за контрола на сателитот и лансирање. Тој се надева дека ќе добие помош од неговиот град, но и од заинтересирани спонзори. Колку е битен овој проект за општеството во целина зборува податокот дека Дејан го контактирале од Deutsche Telecom за соработка. „Неодамна ми се јавија од Deutsche Telekom. Сакаат да изнајмат веб-простор кога ќе биде лансиран . Исто така, сакаат да го користат сателитот за свој Интернет за да можат на корисниците да им понудат поголеми брзини“, додава.
Освен што патентирал вселенски сателит, тој патентирал и хибридна ракета, односно ракетен хибриден мотор, кој користи цврсто и течно гориво за да овозможи потисен момент од 54kN или околу 5,5 тони. Не е штетен по околината затоа што 90% од неговото согорување е водена пареа.