Деновиве во Скопје е отворено ново основно училиште, направено по сите современи архитектонски, енергетски и функционални стандарди за основно училиште. Тоа беше повод да разговараме со Кире Секуловски Раководителот на секторот за уредување на градежното земјиште и животната средина во општина Центар и проект менаџер на ООУ „Киро Глигоров“
Освен дека станува збор за прво ново – изградено училиште на територија на Општина Центар по цели 5 децении, што друго е уникатно за основното општинско училиште ООУ „Киро Глигоров“?
Станува збор за училиште со модерна архитектура која е прилагодена на архитектурата на населбата во која се наоѓа, населбата Капиштец. Објектот има површина од 12.100 м2, 4 пристапни влеза, влез за ученици од улицата „Адам Мицкиевиќ“, влез за возила од улицата „Васил Ѓоргов“ и 2 сервисни влеза. Објектот се состои од приземје, 2 ката и подземен паркинг за 104 возила. Кровот на училишната зграда е со противпожарна заштита и отпорност на пожар до 3 часа, на кој се поставени и 4 прочистувачи на воздух. Тие го вентилираат и прочистуваат воздухот од внатрешноста на објектот. Дворната површина на училиштето изнесува 4.100 м2. Тука се сместени спортски терени за фудбал и одбојка, клупи, високо-стоечки лампи за ноќно читање, паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување. Внатрешноста е со модерен ентериер, а мебелот во училниците е во согласност со возраста на децата.
Колку зеленило има околу училиштето и кои се плановите идни во однос на зеленило и енергетска ефикасност?
Објектот, при изведба, е изместен од предвидената градежна маркица за да се спасат повеќегодишните дрвја. Некои моравме да ги исечеме, но засадивме нови и хортикултурно го уредивме целиот училишен двор. Тука задолжително би ја споменал и ботаничката градина која се протега на површина од 119 м2, која е прва од ваков тип во земјава.
Ботаничката градина е организирана како атриум или централен внатрешен двор во кој продира природна светлина. Атриумот како архитектонско решение не е нов, но кај нас е ретко користен. Во ботаничката градина засадивме зимзелени тиси и јавори за кои е спроведен систем за наводнување и затоплување за зимскиот период.
Во однос на енергетската ефикасност би кажал дека е направено многу. Земете во предвид дека целата фасада на училиштето е структурална, стаклена и самовентилирачка, а со тоа и енергетски ефикасна. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, а целото осветлување и во објектот и во дворот е лед- енергетско ефикасно осветлување.
Во однос на карактеристиките на објектот и вградените материјали, сите материјали вградени во училиштето се од сертифицирани компании од САД, ЕУ и домашните компании. За какви материјали станува збор?
Станува збор за високо-квалитетни и сертифицирани материјали од врвни производители. Тука зборувам за анти-бактериски и анти-алергени подови, зборувам за трпезарија по ХАСАП стандарди, спортска сал по стнадарди на меѓународната кошаркарска федерација ФИБА во која освен редовната настава по физичко образование ќе можат да се одржуваат и кошаркарски натпревари на ФИБА. Би го споменал и Дневниот центар за децата со детска парализа каде се е направено според стандардите и потребита на овие деца.
Смарт-таблите во „Киро Глигоров“се производ на компанија наградена за иновации во сектор за технологија за образование
Секоја училница во новото училиште има стандардна школска табла, смарт табла и прожектор. Смарт-таблите се со повеќе фунционалности на допир и се производ на компанијата за технологија за образование, „Прометеан“ која во конкуренција на компании од секторот, за својата иновативност, е прогласена за „Компанија на годината“ за 2018 година.
Кој ја осмисли и изведе целата градба?
Идејниот проект е на архитектот Бесијан Мехмети, а проектот за училиштето е всушност првонаградено решение на конкурсот кој го организираше Општина Центар.
Основниот проект е на тимот архитекти од „Инком Инженеринг“, а изведувачи на проектот се компанијата „Вардар Градба“. Како Проект менаџер на училиштето би сакал да изразам благодарност до нив за посветеноста, професионалноста и навремената реализација на сите планирани активности. Де факто, без ова, немаше да успееме да го завршиме училиштето 3 месеци пред рокот.
Кои се иднитe проекти?
Во моментов реконструираме неколку објекти со намена детски градинки и основни училишта на територија на Општина Центар, а следен поголем проект ќе биде изградбата на новата детска градинка во населбата „Пролет“. Градинката ќе ја градиме на истиот принцип како и училиштето Киро Глигоров, со материјали од овластени домашни и странски компании кои ги исполнуваат стандардите.